Добивај вести на Viber
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски признава дека на дел од критичните точки во Скопје тешко оди справувањето со поплавите при поголемо невреме. И покрај мерките што се преземаат, со зголемување на капацитетите на пумпите за вода и нови инфраструктурни зафати, сепак не може да се гарантира дека и ново поголемо невреме нема да предизвика поплави на одредени локации.
„Невремето што беше пред месец дена и ова од пред една недела, мислам дека доколку се повтори со истиот интензитет, што и да направиме не можеме да овозможиме овие критични точки целосно и постојано да бидат во функција. Ние можеме само да ветиме дека ќе направиме подобрувања за тие застои да бидат што помали“, вели Трајановски.
Во соработка со општините и Министерството за транспорт и врски, Градот веќе изготвува и проекти за големи фекални и атмосферски колектори, чија вредност најверојатно ќе биде повеќе од 15 милиони евра.