Добивај вести на Viber
Водостојот на Вардар е зголемен по вчерашното невреме со пороен дожд кое ја зафати Македонија. Во центарот на Скопје реката е дојдена речиси до максималната кота.
Надлежните смируваат дека нема место за паника и дека состојбата се следи.
Во текот на ноќта најмногу дожд наврна во Скопје, за 24 часа 53 литри на метар квадратен, во Битола 35, во Берово 23, а во Дојран 8 литри на метар квадратен.
Излевање на реките веќе има во кумановскиот и прилепскиот крај. Во Куманово се излеале Липковска Река и Кумановка. Поплавени се подрумски простори, оштетени се приватни земјоделски земјишта и фарми.
„Поради неисчистено корито на Липковска Река дошло до нејзино излевање кај мостот на Шимско стопанство, при што поплавено е земјиште и приватна фарма. Реката се излеа и во наелба Средорек и улица „Октомвриска револуција“ при што има зафатено подруми на две згради. Реката Кумановка е излеана кај село Доброшани“, вели Тихомир Каранфилов од Центарот за управување со кризи.
Во прилепско Кадино Село, урнат е насипот на реката, поплавени се земјоделски површини, а постои опасност водата да навлезе и во куќите. За настанатата сосотојба се известени надлежните институции на локалната самоуправа.
ФОТО:
Бриф