29 Март, 2024
0.0246

Обама се осили на крајот од мандатот-ги „казнува“ Путин и Трамп

Објавено во: Колумни 30 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

На само дваесетина од претседателствувањето американскиот поретседател во заминување Барак Обама вчера потпиша декрет, како одговор на наводното мешање на Русија во американските претседателски избори, со кој се воведуваат остри санкции за Москва, кои вклучуваат протерување на 35 руски дипломати и затворање на два објекти.-Наредив преземање на повеќе акции како одговор на агресивното застрашување на руската Влада кон американските претставници и сајбер операциите чија мета беа американските избори, истакна американскиот претседател. Исто така, според Обама, тие се одговор и за „притисокот врз американските дипломати во Русија“.

Според него овие акции „уследија по повторените приватни и јавни предупредувања што ги упативме кон руската Влада и претставуваат неопходен и адекватен одговор на настојувањето да се нанесе штета на американските интереси со кршење на основните меѓународни норми за однесување.

Меѓу најавените мерки се санкции за руските безбедносни агенции ФСБ и ГРУ(военото разузнавање), нивни раководители, некои компании, двајца претпоставени хакери,како и за 35 руски дипломати, за кои Американците сметаат дека се разузнавачи. Тие се прогласени за „персона нон грата“, а ќе се затворат два руски објекти во Њујорк и Мериленд за кои САД тврдат дека се користат за „разузнавачки цели“.На руските дипломати им се дадени 72 часови да ги напуштат САД. Истовремено се најавени и нови мерки, кои можат да бидат јавни или тајни.

Во објавените документи има и псевдоними под кои дејствуваат 40-тина руски служби. Споменати се хакерски групи, шеми како ги вршеле нападите, и се е убаво напишано на хартија. Слично беше и со „хемиското оружје“ на Садам Хусеин, од кое последиците се чувствуваат до ден денес. И тогаш американските разузнавачи тврдеа негово постоење, па почна голема војна, за на крајот да се покаже дека работите не биле такви како што ги прикажувале безбедносните сили. Но возот беше одамна заминат...

Што се случува со Обама? Веројатно е единствениот претседател во заминување во историјата на САД кој се решил на ваков крупен чекор. Наликува на потег на навредено дете, „еве ќе видите што можам да направам, за се она што вие  ми го правевте досега“. И навистина, му требаа ли на Обама да поминат речиси осум години и само дваесетина дена пред заминување да се осветува за дипломатските порази во обидите да ги ресетира односите со Русија. И не е во прашање само Русија, поточно атаката врз нејзиниот претседател Владимир Путин, туку со овој потег тој го „казнува“ и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Со заострувањето на односите со Русија и најновите мерки, тој става палки во тркалата на колата на Трамп, а овој уште не седнал во неа, ниту пак кажал во која насока ќе оди. Можеби Обама сака да му го отежне патот кон Москва? Или пак е „казна“ за задоволството на Трамп од руската „помош“ во изборниот натпревар со Хилари Клинтон. Уште полошо е што декретот на Обама може да се протолкува и како фрлање сенка врз победата на Трамп на американките претседателски избори.

Некакви мерки од страна на САД, за наводните руски сајбер напади во последниве две години, беа најавувани од порано, но се совпаднаа со момент кога Русите најавија уште една дипломатска победа над Американците во Сирија. Санкциите како да беа темпирани да го сопрат ехото од кревкиот договор за мир во Сирија. Синоќа на полноќ требаше да стапи прекин на воените дејства во таа земја. Договорот го постигнаа и за него се гаранти Русија и Турција, со поддршка од Иран. САД воопшто не беа вклучени во разговорите. Веројатно не сакаа да бидат дел од таквото решение. Но вратите за нив, според Русија и Турција остануваат отворени. САД и Русија со месеци преговараа за мировно решение и речиси го договорија, но Американците во последен момент кренаа раце од него. И еве Русите и Турците, водени пред се од сопствените интереси, успеаја да договорат нешто, иако до пред неколку месеци беа на работ на војна. Останува да видиме колку договорот ќе биде почитуван на теренот, со оглед на мноштвото различни играчи на него.

Новоизбраниот претседателДоналд Трамп во средата вечер, одговарајќи на новинарско прашање за плановите на администрацијата на Обама во врска со санкциите кон Русија, се дистанцираше велејќи им на новинарите дека "Мислам дека треба да продолжиме понатаму со нашите животи." При тоа додавајќи дека не е сигурен дека САД имаат безбедност како што им треба. Вчера пак, по објавувањето на мерките тој вети дека ќе се сретне со претставниците на американското разузнавање.

„Дојде време за нашата земја да се движи кон работи кои се поголеми и подобри од ова. Но, сепак, во интерес на нашата земја и нашиот голем народ јасќе се сретнам идната недела со раководителите на нашата разузнавачка заедница, за да ме информираат за фактите околу оваа ситуација“ изјави Трамп.

За републиканецот Џон Меккејн чекорот на Обама и мерките се недоволни и тој вели дека во Конгресот ќе работи на проширување на санкциите против Русија и нивно засилување. Поранешниот советник на Трамп, Картер Пејџ, пак, вели дека снакциите противречат на духот на дипломатијата. Според него „овој последен случај е сериозен пример на неумешно раководство и целосно отсуство на дипломатија, тој покажува, зошто во Америка треба да дојде до смена на власта, која треба да се врати во рацете на луѓето’

За руските коментари и не треба многу да се пишува. Денес се очекува официјален одговор од руското министерство за надворешни работи. Пре ссекретарот на Путин Димитриј Песков, пак, рече дека „не е неопходно да се дава „итен“ одговор, решението за тоа ќе го даде претседателот Путин, но, при тоа,тој веројатно ќе води сметка дека на администрацијата на Обама и остануваат три недели“.

Во вакви прилики досега одговорите обично биле реципрочни. По формулата - вие нам, 35, и ние вам, ќе ви вратиме 35 дипломати. Веројатно Путин нема да оди по оваа формула. Нема да сака да муприредува на Трамп изненадување во предвечерието на инаугурацијата. Уште помалку по неговото седнување во претседателската фотеља. Но некаков одговор и мерки сепак ќе има.

Барак Обама заминува во историјата. Наместо да биде вчера дел од договорот за Сирија, според кој можеби и ќе го паметеа во иднина, тој заминува со стиснати заби. Со силно стиснати тупаници до болка од гнев. Покажува сила на дваесет дена пред крајот на мандатот. А покажувањето сила при заминување, всушност претставува покажување слабост.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?