Обновена големата сала во МОБ, издвоени 62 милиони денари (ГАЛЕРИЈА)
Сега салата има 710 столчиња, чиј број е намален со цел тие да бидат покомотни и да има растојание меѓу сите редови, рече денес Канческа Милевска.
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2016
Големата сала и фоајето на Македонската опера и балет се целосно реконструирани. По повод отворањето на реновираната сала на 12 октомври ќе се одржи гала концерт на кој ќе настапи целиот капацитет на МОБ.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска ја посети Македонската опера и балет по што изјави дека промовираат еден исклучително значаен проект за целосна реконструкција на големата сала на МОБ. За овој капитален проект, како што вели таа, се издвоени 62 милиони денари.
- Оваа инвестиција е од огромно значење пред се за вработените, уметниците во МОБ и за сите љубители на програмските содржини на МОБ, на уметноста која ја нудат, пред се за граѓаните кои ќе имаат можност да присуствуваат на сите овие настани во една прекрасна сала со променети седишта. Сега салата има 710 столчиња, чиј број е намален со цел тие да бидат покомотни и да има растојание меѓу сите редови, рече Канческа Милевска.