Обвинение за притвореник: За два дена два пати ја претепал поранешната сопруга со тупаници
Објавено во: Македонија 22 Септември, 2020
Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице за нанесување телесни повреди, откако на 30 август и 1 септември во два наврати ја претепал поранешната сопруга со тупаници.
Обвинетиот 40-годишник од Тетово со престојувалиште во Скопје, на 30 август, во семејниот дом во Скопје при вршење семејно насилство, со умисла ја повредил поранешната сопруга, така што со тупаници повеќе пати ја удрил во пределот на главата и во десната подлактица.
На 1 септември, во парк во близина на основно училиште во Аеродром, тој повторно со умисла телесно ја повредил оштетената, која со нивните заеднички малолетни деца била излезена на прошетка. Обвинетиот со такси возило ја чекал пред влезот на училиштето, по што тргнал кон неа и неколку пати со тупаници повторно ја удрил во главата и во десната подлактица.
Од двата напади кај оштетената билe нанесени телесни повреди во вид на набиеници, подливи и акутна реакција на стрес.
Со цел обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на кривичната постапка, како и заштита од повторување на насилното однесување кон оштетената, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.