Обвинителки од СЈО ја проверуваат документацијата на РЕК Битола
Објавено во: Македонија 06 Октомври, 2016
Специјалното јавно обвинителство ја „чешла“ тендерската документација во РЕК Битола за ископ на јаловина и транспорт на јаглен од рудникот „Суводол“.
Две обвинителки од СЈО веќе ја проверуваат документацијата. Од СЈО не откриваат детали со образложение дека се работи за предистражна постапка поврзана со наоди од прислушуваните разговори. Од РЕК потврдуваат дека ја обезбедиле документацијата која била потребна.
Во една од „бомбите“ кои ги објави СДСМ, беше емитуван разговор, во кој наводно се слушаат гласовите на екс премиерот, Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски за местење тендер за РЕК Битола. Во разговорот, поранешниот премиер споменува автомобил „сеат ибица“ за да алудира на името на бизнисменот на кој треба да му се даде бизнисот со јаглен во РЕК. Поранешниот премиер во разговорот вели дека нема против и „сеат ибица“ да влезе, а Чинговски одговара дека тоа ќе биде малку тешко зашто „не е ископ на јаловина, туку испорака на јаглен и таму не можат две различни да бидат и мора да е некој конзорциум.“