Обвинителството предложи притвор, Арифи барал поткуп од 100.000 евра

Објавено во: Македонија 09 Април, 2025 12:13
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска започна истражна постапка против две лица - едниот за примен поткуп, а другиот за помагање, откако беше уапсен директорот на болницата за геријатрија, Муфсин Арифи кој барал и зел поткуп од 20 000 евра за да смести во болницата лице кое било болно и неподвижно. Вториот осомничен е лице кое посредувало во доделувањето на поткупот.
Според она што го објави ОЈО ГОК, Арифи во неколку наврати го барал поткупот од лицето кое потоа како сведок го пријавило во полиција. За добивање на поткупот од посредникот биле организирани две претходни средби. Арифи барал поткуп од 100.000 евра, а 20-те илјади што ги добил биле само „Гаранција“.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
„Првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници“, информира Обвинителството за заедничката акција со полицијата.
Мусин Арифи беше назначен на позицијата в.д директор лани во јули од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Арифи претходно беше директор и во психијатриската болница Бардовци.
Можеби ќе ве интересира
ПРИЛОЖИЛ ЛАЖНИ ИТАЛИЈАНСКИ ЛИЧНА КАРТА И ВОЗАЧКА: Koсовски државјанин е приведен на Блаце

(ВИДЕО) КРАДЕЦ ОГРАБИ МАНАСТИР ВО КРИВОГАШТАНИ: Кој ќе го препознае лицето да пријави во манастирскиот одбор

Истрагата во случајот „Адитив“ ја опфати и претседателката на Антикорупциска комисија, повикана е на распит во суд

ВМРО-ДПМНЕ: Битиќи да каже зошто чувал класифицирани информации во домашен сеф

Љутков: Не можам да исплатам нова плата без поддршка од Министерството за финансии

Обвинителство: Под истрага 49 лица за злоупотреби со давање на инвалидски пензии и туѓа нега

„ПОСТАПУВААТ ИСТИТЕ ОБВИНИТЕЛИ И СУДИИ КОИ СЕ БИРАНИ ОД СДСМ“: Мицкоски контра Трајчулески за истрагата во Кочани

ГАШИ ТВРДИ: Има зголемена волја за забрзување на евроинтеграцискиот процес
