Добивај вести на Viber
Преку користење на топлинска енергија од РЕК Битола, со реконструкција на топлинските системи, изградба на магистрален топлински вод во должина од околу 12,5 km од РЕК Битола до градот Битола, како и модернизација на постојната примарна и секундарна топлинска мрежа, ќе се овозможи дел од енергијата што се произведува во РЕК Битола да се користи за греење на домаќинствата и индустриските капацитети во овој град. Инфраструктурниот проект за транспортниот вреловод е веќе подготвен и добиени се условите за планирање на просторот од Агенцијата за планирање на просторот.
Во моментов, во тек е изработка на елаборатот за животна средина, и на проектите за дистрибутивната вреловодна мрежа. Се очекува основниот проект за системот да биде готов до крајот на годинава. Проектот ќе се реализира преку кредит од германската КФВ Банка, а дел од средствата ќе ги обезбеди ЕЛЕМ. Доколку проектите, ревизиите, добивањето одобренија и останатите процедури се завршат во очекуваните рокови, на почетокот на наредната година може да се очекува објавување на тендер за избор на изведувач на изградбата, информираат од Електрани на Македонија.
Изборот се очекува да биде завршен во првата половина од наредната годината, по што ќе започнат работите на терен. Во фаза на изработка е основен и инфраструктурен проект, а по завршувањето на проектирањето на системот, ЕЛЕМ ќе распише јавен повик за избор на изведувач на системот, по чиј избор ќе почнат градежните работи на терен. Се очекува проектот да се реализира до 2017 година.
Со цел да се анализира оправданоста на изградбата на централен топлификациски систем во Битола и околината, Институтот за енергетика и заштита на човековата околина ЕКОНЕРГ од Загреб изготви студија за избор и концепција на ваков систем базиран на топлинска енергија од РЕК Битола. Анализите на овој институт покажаа дека со воведувањето на топлинска енергија за греење во дел од Пелагонискиот регион, значително ќе се намали емисијата на штетни материи од согорувањето на масло за домаќинство, дрва, и јаглен кои домаќинствата ги користат за загревање на домовите. Штетните материи ќе се намалат и со намалувањето на произведената електрична енергија за потребите за греење во домаќинствата.
Со воведување на топлинската енергија за греење значително се намалува потрошувачката на електрична енергија за греење и ќе се зголеми сигурноста и доверливоста на дистрибутивната мрежа. Освен еколошките и социјалните придобивки, постои можноста за унапредување на земјоделството во овој регион, односно можноста за поврзување на оранжерии.
Во рамките на инвестицискиот зафат, за топлификација на Општините од овој регион, веќе е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“, зафат со вкупна вредност од 4 милиони евра. Во текот на модернизацијата на двата блока, целосно е овозможено регулирано одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи помеѓу цилиндрите за среден и низок притисок.
Од излезот на електраната продолжува транспортен вреловод со должина од 12,5 км кој завршува до препумпната станица во Битола. По должината на овој вреловод ќе биде овозможено поврзување на населбите Новаци и Логоварди преку примопредавателни пумпно топлински станици, како и поврзување на стакленици. Понатаму од препумпната станица се разгранува вреловодната дистрибутивна мрежа низ градот Битола за снабдување на граѓаните со топлинска енергија, појаснуваат од ЕЛЕМ.