Добивај вести на Viber
Крст висок 33 метри ќе се гради во Аеродром по иницијатива на Светскиот македонски конгрес, доколку општината одлучи да го поддржи нивното барање. Според планот крстот ќе стои на крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“, стои во соопштението од претседателот на СМК, Тодор Петров, а градбата ќе биде по повод 2000 - годишнината од христијанството.
Иницијативата е дадена во општина Аеродром, а како што стои во соопштението од Конгресот локацијата е намерно избрана за да може крстот да се гледа во три општини, Газа Баба, Аеродром и Кисела Вода. Главниот проект пак до општината ќе биде доставен до крајот на 2013 година. Откако Петров ќе добие одобрение, крстото ќе се монтира за 2 месеци.
„Крстот ќе биде монтажен, висок 33 метри, колку што години живеел Исус Христ до неговото воскресение”, стои во соопштението на Петров,
Парите за крстот ќе се бараат од донатори од земјата и од странство, главно членови на Светскиот македонски конгрес.
„Крстот не е антиисламски симбол, туку дел од културата на Македонија. Крстот има право на простор во Македонија, затоа што Македонија е основата на христијанството во Европа“, стои во соопштението.
Како што посочуваат од општината Аеродром, на дневен ред оваа иницијатива ќе биде ставена следната седница на Советот, кога советниците ќе гласаат дали да ја прифатат. Крстот , велат од Конгресот, ќе биде даден во надлежност на општината.