ОЈО ги гони приведените за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста
Објавено во: Македонија 28 Ноември, 2017
По речиси 7 месеци од потресните случувања во Собранието на Република Македонија кога дојде до упад на гневна толпа на демонстранти како и на организирани маскирани напаѓачи, Јавното обвинителство на Република Македонија конечно се осмели да оформи предмет со потешка правна квалификација за сомнежите за сторените кривични дела.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.
По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“ соопштија од ЈОРМ.
Досега се приведени дваесетина лица меѓу кои Митко Чавков, екс директор на БЈБ, Игор Дурловски и Владо Јовановски од организацијата „За заедничка Македонија“, повеќе директни учесници во упадот во Собранието како и пратеници. Дел од нив веќе даваат исказ пред обвинител.