Добивај вести на Viber
До 15 септември лицата кои живеат во станови доделени од страна на државата ќе мора да се произнесат - дали ќе го продолжат договорот за закуп на становите или ќе ги откупат според новите поволности кои треба да ги донесе Владата.
Во спротивно ќе бидат иселени. Од 851 стан, дури 759 корисници на овие станови немаат продолжено договори, вели директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување на станбен и деловен простор Цветко Грозданов.
„Сите граѓани што останале во ранливите категории и понатму се наоѓаат во категоријата со ниски примања ќе можат да го задржат станот и да плаќаат симболична кирија. Додека пак лицата што излегле од оваа категорија би требало доколку се определат за откуп на станот да го откупат доколку пак не се определат за откуп да склучат договор за користење на станот под закуп, за што ќе има одредена комерцијална цена“, најави Грозданов.
Според него голем дел од корисниците биле заинтересирани да си го откупат станот, но барале поповолни услови за тоа. Цената за откуп на становите во Скопје каде има 157 станови се движат од 580 до 680 евра за метар квадратен, Битола 540 евра, Ресен 390 евра, Дебар 380 евра, Прилеп 380 евра, Кичево 340 евра. Цената на становите во Кочани изнесува 460 евра, Штип 380 евра, Велес 560 до 700 евра за метар квадратен, Тетово 530 евра, Гостивар 370 Струмица 480 евра, Гевгелија 430, Кратово 390 и Крива Паланка 430 евра за метар квадратен.
Месечниот закуп, пак, кој сега го плаќаат овие лица во просек изнесува меѓу 1.500 и 2.000 денари.