26 Април, 2024
0.1118

ВЕСНА СТОЈАНОВСКА: ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА КБ ПРВО ПЕНЗИСКО ДРУШТВО

Парите на идните пензионери се вложуваат ВО ВИСОКО КВАЛИТЕТНИ ИНСТРУМЕНТИ за ОСТВАРУВАЊЕ максимален принос

Објавено во: Економија 17 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Парите на осигурениците сакаме да ги оплодиме за да добиеме најголем принос, но инвестициите се со минимален ризик, вели Весна Стојановска, прв генерален директор на КБ Прво пензиско друштво во интервју за Фактор. Согласно податоци на Друштвото, заклучно со јуни, друштвото управува со 533 милиони евра, пари на 243.514 членови на задолжителниот пензиски фонд. 

Со Стојановска разговаравме за предизвиците на пензискиот систем во земјава, во услови кога еден вработен има на товар 1,9 пензионери. Пензискиот систем се реформираше во 2000 година. Го сочинуваат два задолжителни пензиски столба од кој еден е државниот друг е приватниот и третиот кој е доброволен.

„Суштината на пензискиот систем е да се грижи за законски одвоените финансиски средства на вработените лица и да овозможи исплата на пензиите на лицата кои ги исполниле потребните услови за користење на пензија. Реформите се секогаш добредојдени бидејќи тоа значи дека нешто се движи, се менува со надеж во насока кон подобро. Пензиската реформа е една од најзначајните социјални проекти во земјава која се спроведува со цел долгорочно и квалитетно да го обезбеди финансирањето на пензиите.

Досегашниот пензиски систем беше организиран според принципот на тековно финансирање, односно за да може да функционира првиот столб на пензиско осигурување во постоечкиот систем, заснован на тековните придонеси од вработените (pay-as-you-go). Од пресудно значење е односот помеѓу бројот на вработени и бројот на пензионери, или во бројки, за овој систем да функционира, оптимално  соодносот би бил еден пензионер - 4 вработени. Според податоци објавени од Фондот на ПИОМ на крајот на 2017 година, 1 осигуреник издржува 1,9 пензионери што е исклучително неповолен сооднос за систем какво што е pay-as-you-go системот.  Со усвојување на Закон за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во јануари 2008 година, пензискиот систем го сочинуваат 3 столба. Повеќестолбниот систем во суштина носи промени во основните принципи на функционирањето на пензиските фондови. Покрај постоечкиот, кој продолжува да постои и да функционира на принципот на тековно финансирање за да ги исплаќа пензиите на сегашните и идните пензионери, се воведуваат пензиски фондови засновани на принципот на капитално финансирање, во кои средствата се собираат и инвестираат со цел да ја сочува и зголеми нивната вредност и да бидат основа за исплата на дел од старосната пензија. Вториот столб е задолжителен за сите кои првпат се вработиле по 01.01 2003 година. Собраните средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки (6 проценти од пензискиот придонес се издвојуваат на индивидуална сметка на членовите), чии средства понатаму се инвестираат и добивката која е намалена за трошоците на работењето се акумулира на средствата на индивидуалните сметки.

Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување се разликува од вториот столб по тоа што е на доброволна основа, поточно секој си уплаќа колку сака и кога сака. Во овој столб може да се приклучат сите оние кои сакаат поголема материјална сигурност во иднина покрај задолжителното осигурување, како и оние кои не се опфатени со вториот столб. Со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми од страна на работодавците.

ВЛОЖУВАЊА ВО СВЕТСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ

Граѓаните се чини, не се доволно информирани, за тоа како им се оплодуваат парите во вториот, приватниот пензиски столб, а не знаат и колку заработиле, ниту дека парите им се сигурни.

„И покрај тоа што транспарентноста е една од нашите главни карактеристики како и континуираната едукација која активно ја спроведуваме изминативе години со заеднички сили на институции вклучени во системот, не можеме да кажеме дека довербата е на задоволително ниво. Тоа е така пред сè поради долгиот период на неизвесност во нашето општество, како и релативно краток период на постоење на приватни пензиски фондови. Меѓутоа, со активностите на Друштвото за информирање и едукација на граѓаните, сметам дека постепено довербата се зголемува. Имено, наша цел е средствата на членовите на пензиските фондови со кој управува Друштвото да бидат сигурни. Затоа секоја инвестиција е во согласност со правилата што гарантираат: сигурност, диверзификација на ризикот од инвестиции и одржување на ликвидност на средствата. Ризици секако дека постојат, но сакаме да напоменеме дека од почетокот на своето работење една од главните цели на Друштвото е да го максимизираме приносот на инвестираните средства на осигурениците, притоа водејќи сметка за  оптимизирање на ризиците. Работењето на пензиските фондови е под контрола на МАПАС - Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Од друга страна  посебен тим во Друштвото работи на идентификација, мерење и управување со ризиците со кои се соочува Друштвото при управувањето со пензиските фондови. Инвестираните средства се чуваат кај банка чувар на имот и не влегуваат во имотот на Друштвото, туку средствата се во сопственост на членовите на пензиските фондови според уделите кои ги имаат на своите сметки и наменети само за исплата на пензија од 2 столб или пензиски надоместок од 3 столб.

Каде вие ги вложувате парите и со каква успешност? Колкав е приносот?

„Инвестициските стратегии и за двата фонда и во задолжителниот и во доброволниот дефинираат баланисирано портфолио засновано на принципи кои обезбедуваат заштита и раст на инвестираните средства како и ниски трошоци за инвестирање се со цел максимизирање на интересите на нашите членови.Стратешката алокација на средствата на фондовите опфаќа една третина од средствата да бидат инвестирани во домашни и странски акции и удели додека останатите средства да се инвестираат во инструменти со фиксен принос односно обврзници и депозити. Во процесот на инвестирање во сопственички хартии од вредност во странство се применува т.н. пасивна стратегија. Примената на овој вид на стратегија има импозантен раст во светски размери и е често употребувана од најголемите инвестициски куќи во светот.Согласно оваа стратегија средствата на фондовите се инвестираат во широко диверзифицирани инвестициски фондови со кои се тргува на берза или познати како ЕТФи со кои се реплицираат најголемите светски берзански индекси. Преку овој пристап на инвестирање се постига изложеност на светските пазари на капитал со ниски трошоци за инвестирање а со тоа им овозможуваме на нашите членови нивните средства да бидат инвестирани во најголемите светски компании од кои редовно се добиваат дивиденди.

Доказ дека сме на правиот пат е и декаво 2016 година КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ја има добиено и престижната награда за "Најдобра пасивна стратегија" на ниво на Европа во организација на реномираниот финансиски магазин  IPE (Investment & Pensions Europe).

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ И ЗА ДОБРОВОЛНИОТ СТОЛБ

А колку е развиено и прифатено доброволното пензиско осигурување кај граѓаните?

Доброволното пензиско осигурување овозможува дополнително пензиско осигурување засновано на капитализација на уплатените средства. Неговата основна цел е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на неговите членови.

Популарноста на третиот столб е во постојан пораст. Бројот на членови во третиот столб од почетокот на неговото воведување до денес, континуирано расте, но сѐ уште не можеме да кажеме дека свеста на луѓето за доброволното пензиско штедење е на задоволително ниво. Преку активни едукативни активности Друштвото се стреми да се изгради култура на штедење, со што третиот стоб ќе прерасне во навика и поголем број на граѓани ќе ги уживаат неговите придобивки, без разлика дали станува збор за индивидуало или штедење преку компанија.

Едукацијата е задолжителна пред се кај младата популација бидејќи придобивките не се видливи во моментот, но колку порано се започне со штедење толку поголем принос ќе се добие со текот на времето. Бидејќи периодот за штедење е долг, помладите со мал износ можат да заштедат значајна сума за пензионерските денови, знаејќи дека прават нешто дополнително за нивната иднина.

Преку агентите на Друштвото кои вршат работи на маркетинг преку директна комуникација со потенцијалните членови, се трудиме што повеќе да го доближиме до населението ваквиот начин на штедење и бенефитите што тој ги нуди, односно да им воочиме колку е важно што порано да се почне да се мисли за иднината. Впрочем, „Иднината денес“ е нашето основно мото.

Кои се трендовите на пораст во КБ Прво Пензиско Друштво?

„КБ Прво пензиско друштво оваа година го прослави 13 роденден и можеме да кажеме дека успешно управуваме со двата пензиски фонда КБ Прв отворен задолжителен и КБ Прв отворен доброволен фонд.

Нето средствата на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, според последниот билтен објавен од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување - МАПАС заклучно со јуни годинава изнесуваа околу 32.77 милиони денари, тоа е речиси 533 милиони евра во управување. Додека во доброволниот фонд во истиот период управувавме со повеќе 756 милиони денари нето средства на нашите членови, оносно повеќе од 12 милиони евра. Заклучно со јуни, нашите услуги ги уживаат 243.514 членови и времено распределени лица во задолжителниот фонд и 14.245 членови на доброволниот пензиски фонд.

Прв човек сте на друштвото, кои се вашите очекувања?

„Во КБ Прво Пензиско Друштво сум повеќе од една деценија, односно од неговото формирање. Мојата кариера во Друштвото кое денес управува со два пензиски фондови, започна од 2005 година, во Секторот за финансии и сметководство и непосредно учествував во имплементирање на пензиската реформа во РМ. Позицијата на Генерален директор е заокружување на моето искуство и експертиза во делот на управување со пензиски фондови и, заедно со еден врвен тим на експерти несебично работиме во издигнување на Друштвото како лидер на пазарот на пензиското осигурување во Република Македонија, препознатливо по своите етички принципи, висока стручност и професионалност во работењето, со единствена цел остварување соодветни пензии  за сите свои членови.

Како дел од менаџментот, нашите планови се насочени кон јакнење на корпоративното управување, позитивен раст на портфолиото на средства вложени во втор и трет столб, вложување во своите вработени и најважно едукација, подигање на свеста кај севкупното население за придобивките и предностите на капитално финансираните пензиски фондови. Сметам дека наша обврска е да едуцираме, бидејќи само добро едуцирано население носи добри одлуки“


Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија