ПАРИЗ И БЕРЛИН: Засилено полициско присуство поради опасност од напади и „Жолтите елеци“
Објавено во: Свет 31 Декември, 2018
Париз и Берлин се подготвуваат за дочек на Новата година.
Елисејските полиња каде што треба да се одржи дочекот на Новата година ќе бидат под посебен режим.
Во Париз ќе бидат ангажирани 12.000 полицајци, а со нив и 6.000 пожарникари и вработени во итните служби. Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека низ целата земја ќе бидат распоредени 147.000 полицајци.
Освен од терористички напади, полицајците се ангажирани и во одбрана од напади на ,,Жолтите елеци”. Тие најавија преку социјалните мрежи дека се подготвуваат да протестираат во центарот на Париз и на овие протести се најавени 9.000 учесници. На Фејсбук страницата излегоа со најава дека ќе одржат ,,весел и ненасилен” протест.
Секој ќе биде проверен, а стаклени шишиња и огномет се забранети. Само кај Триумфалната капија ќе има огномет, додека на сите други места во Париз важи забраната.
И во Берлин има посебните безбедносни мерки. Околу Бранденбуршката капија ќе бидат распоредени околу 800 припадници на безбедносните служби.
Освен тоа ќе бидат ангажирани и 1 400 професионални и волонтерски пожарникари. Сите што ќе слават во центарот на Берлин ќе треба да поминат низ посебна контрола, а ќе бидат забранети шишиња, остри предмети и големи торби.
Во Франција претходните години имаше нереди во кои беа запалени многу возила.