18 Мај, 2024
1.1398

ПАРТИИТЕ САКААТ ДА „СТАВАТ РАЦЕ“ И КАЈ ЗАМЕНИЦИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ - веќе пет месеци стојат испразнети позициите, не се гласа за предлозите на Зибери

Објавено во: Македонија 03 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Најзначајната институција во државава за заштита на уставните и законските права на граѓаните од државните органи, Народниот правобранител, веќе неколку месеци работи без потребниот број заменици народни правобранители, а причина е фактот што иако на старите им е истечен мандатот, нови никако да се изберат. Иако омбудсманот Насер Зибери уште во август минатата година предложи до Собранието свои нови кандидати за заменици, кои народните избраници треба само да ги изгласаат, таква точка, и после пет месеци, се уште не е закажана на дневен ред во парламентот.

Според сознанија на Фактор, причина се партиски апетити кои се појавиле за овие позиции, односно барања од одредени партии, наместо предлозите на правобранителот Зибери, да постават свои фаворити за тие функции. Тоа би значел и притисок да се сменат сегашните предлози и да се одберат партиски поблиски луѓе како нови предлози. Токму од тие мотиви се уште не може да се постигне согласност меѓу партиите, и точката да се стави на дневен ред на гласање во Собранието.

Практично, наши извори објаснуваат дека предлозите на народниот правобранител не можат да се реализираат само затоа што тие зависат од кревање на два прста на пратениците, кои, пак, имаат свои математики. Тука се поставува прашањето зошто партиите си дозволуваат да мешаат прсти во изборот на заменици, кога се знае дека правобранителот, според Уставот, е нзависен и самостоен орган.

„Дали и овде партиите треба да се мешаат, на начин како што тоа се прави во нашето Собрание. Едно е да се води расправа за стручноста и квалификациите на предложениот кандидат, а друго е кога во потсвеста се гледа местото само за луѓе од политиката, па ако не си таму или ваму, многу лесно можат да си играат“, велат некои од изворите на Фактор.

Инаку, прашањето за избор на заменици на народниот правобранител е уредено со Законот за народниот правобранител, кој го предвидува следново. Народниот правобранител има повеќе заменици, чии број го определува Собранието, на предлог на народниот правобранител. Замениците, по предлог на народниот правобранител ги избира и разрешува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство. Замениците на народниот правобранител се избираат за време од осум години, со право на повторен избор.

Постапката за избор на народниот правобранител и неговите заменици почнува три месеци пред истекот на нивниот мандат., односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на замениците, Народниот правобранител распишува оглас.

Како што веќе пишуваше Фактор, оглас беше распишан уште во мај лани, пред да истече мандатот на замениците во Скопје, Куманово, Штип, Тетово и Струмица, во јули 2021 година.

По спроведениот оглас, Народниот правобранител утврдува предлози, при што соодветно треба да бидат застапени двата пола, и ги доставува тие предлози до Собранието. Па така, во август лани Народниот правобранител Насер Зибери, ја предложи за заменик народен правобранител за Скопје Васка Бајрамовска Мустафа, која веќе и претходно беше осум години на таа позиција, што значи се бара нејзин реизбор за уште осум години, како и неколку други заменици низ држаава, каде што веќе се испразнети заменичките функции, поради истекот на мандатот на замениците народни правобранители. Односно, за заменик народен правобранител во Куманово го предложи Азмин Шерифи, а за заменик во Тетово Сашо Перовски. Лилјана Кирова, пак, треба да биде заменик народен правобранител во Штип, додека, пак, Ванчо Велков треба да биде заменик во Струмица. Сите тие се дипломирани правници.

Но, само што оваа точка за избор на заменици дојде на ред на разгледување во Собранието, спикерот Талат Џафери ја прекина седницата и продолжи со друга седница. Оттогаш веќе не е ставена на дневен ред за разгледување и гласање.

Тоа значи дека оваа институција повеќе месеци не е целосно комплетирана со заменици. И недостигаат, еден во седиштето во Скопје, каде треба да има четворица, а во моментов се тројца, од кои двајца Македонци и еден Албанец. За четвртата позиција конкурираше Васка Бајрамовска Мустафа, која е Ромка, и која во институцијата е од 2006 година. Таа директно работела на предмети поврзани со повреда на човековите права. Долги години го раководи Одделот за заштита на правата на децата и лица со попреченост, како и Одделот на НП за заштита од дискриминација. По истекот на нејзиниот мандат таа остана во институцијата, со оглед дека е Државен советник во Одделот за заштита на права на детето и лица со попречност, но и натаму ги координира Одделот за заштита од дискриминација, Права од пенизко и инвалидско осигурување, здравствена заштита, права од високо образование, НП-Механзиам за граѓанска контрола, НП-Пријател на суд, и НП- НМП. 

Бајрамовска Мустафа е првата Ромка која била избрана за носител на функција во Собрание, и тоа во институција чиј основен мандат е заштита на уставните и законски права на граѓаните. Па, ако се има предвид дека најчестите повреди се од припадници на ранливи категории, меѓу кои и Роми, ова место е многу важно за ромската заедница, заради пристапот и довербата кога имаат свој човек некаде.

Во вакви околности се поставува и прашањето дали смее да се дозволи една вака значајна институција да работи без потребниот број заменици, а треба да биде независен и самостоен, или, како што вели член 3 од Законот - Народниот правобранител е независен и самостоен во вршењето на функцијата и никој не смее да влијае на неговата работа и постапување при вршење на неговата функција.

Според нашите информации, претседателот на Собранието Џафери сака да се направи изборот, но според некои извори, во овој дел тој премногу немал влијание, и единстевно што може е да не ја стави точката на дневен ред, за да се усогласт координаторите на партиите.

Инаку, постапката за избор во Собранието е иста и кај Народниот правобранител и кај неговите заменици - со двојно мнозинство: Еднаш гласаат сите пратеници, и за да помине предложениот кандиддат треба да гласаат мнозинство од пратениците. Потоа гласаат пратениците кои не се мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми...) и при ова гласање исто така треба да има мнозинство гласови за да помине предлогот.

Новиот народен правобранител Насер Зибери беше избран на таа позиција во јануари годинава, откако претходно со институцијата 16 години раководеше Иџет Мемети, кој сега замина во Советот на јавни обвинители.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза