26 Април, 2024
0.0350

ПАРТИСКИ МАТЕМАТИКИ: ЛДП се „осамостојува“, но не влетува во приказната за ново парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ

Објавено во: Македонија 23 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Со самостојното делување во парламентот само сакаме да бидеме попрепознатливи како либерал-демократи, но ние остануваме во владејачкото мнозинство и ќе продолжиме да ги поддржуваме владините политики. Воопшто не се точни одредени злоупотреби и манипулации на нашата одлука, во смисла дека би влегле во ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, тоа се лаги кои опозицијата сака да ги искористи.

Ова за Фактор доцна синоќа го потврди пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова, откако најавата дека двајцата нивни народни избраници ќе настапуваат самостојно во законодавниот дом. Непосредно по  состанокот на Извршниот одбор на партијата, а на кој ја потврдиле одлуката на Централниот одбор од август минатата година, за самостојно делување, но и на кој било јасно потенцирано дека партијата ќе продолжи да биде дел од парламентарното мнозинство и во полн капацитет да ги поддржува владините политики.

Во разговор за Фактор, Зајкова не крие дека одлуката донесена лани, а која сега се актуелизира, можеби е обзнанена во лош тајминг, како што претходно ја квалификуваше и премиерот Зоран Заев. Алудирајќи веројатно на најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвува ново мнозинство во законодавниот дом.

ЗОШТО ОВА И ТРЕБАШЕ НА ЛДП

„Сосема погрешно погрешно разбрана оваа наша одлука. Таа не беше досега активирана, иако и ние се најдовме затекнати зошто сега се прави тоа. Беше прашање на време кога ќе стапи на сила иако, се согласувам е дека веројатно беше избран несоодветно време. Инаку, единствената цел на одлуката за самостојно делување е само поради диференцијација која ќе ја засили нашата препознатливост како либерал-демократи и ќе ја следи линијата на самостојното дејствување како нашите сестрински партии на европско ниво. Оваа одлука ќе ни даде и можност за користење на некои деловнички процедури, користење на говорницата во Собранието и слично“, објаснува Зајкова за Фактор.

Таа тврди дека ЛДП апсолутно останува во власта и ќе продолжи да ги поддржува владините политики, а тоа ќе се види и со гласањето на наредните седници што ќе следуваат.

„Ние не излегуваме од владејачкото мнозинство и ќе продолжиме да ги поддржуваме предлозите од извршната власт. Ние сме имале заеднички листи со СДСМ и заеднички сме ја добиле довербата од граѓаните, сме ги усогласиле програмските определби, а имаме и наш министер во Владата. Нема никаква друга заднина, манипулација е од опозицијата што ова сака да го искористи во своја полза. Ние и натаму со пратениците од владејачкото мнозинство ќе се координираме за сите закони и за сите други прашања. Значи, ЛДП не се одвојува, а тоа ќе се види и со гласањата на следните седници“, вели Зајкова.

Инаку, лидерот на ЛДП, Горан Милевски, е министер за локална самоуправа во Владата на Зоран Заев.

НСДП НЕ РАЗМИСЛУВА ЗА САМОСТОЈНО ДЕЛУВАЊЕ

Дека парламентарното мнозинство е стабилно, за Фактор потврдува и пратеникот од НСДП, Горан Мисовски, нагласувајќи дека ново парламентарно мнозинство кое би го направило ВМРО-ДПМНЕ, ќе нема.

Партијата НСДП, која, како и ЛДП, има двајца пратеници и е дел од владејачкото мнозинство, воопшто не размислувала за негово напуштање, но ниту за самостојно дејствување.

„Ние како партија никогаш не сме размислувале за напуштање на парламентарното мнозинство, ниту за самостојно делување, ниту некој во Извршниот одбор на партијата покренал таква иницијатива“, вели Мисовски за Фактор. Според него, ваквите најави од опозицијата се само за збивање на нејзините редови.

„Во овој момент приказната за ново парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ е за нивна внатрепартиска употреба, особено пред вонредниот конгрес закажан за 28 март. Тие како партија во ист ден кажуват две дијаметрално спротивни информации. Прво велат дека само што не формирале ново парламентарно мнозинство, а потоа велат дека нема да учествуваат на локалните избори ако не се обезбедат уреди за отисок на прст. Всушност, со овие најави тие си ја одржуваат својата партија во живот, особено пред вонредниот конгрес“, објаснува Мисовски.

Тој нагласува дека не е ниту на повидок дека ќе се случи ново парламентарно мнозинство.

„Лага е дека коалиционите партнери во власта разговараат за преминување во такво ново мнозинство. Јас сум со нив во контакт секој ден во Собранието и знам дека тие со потсмев гледаат на овие најави од ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, концентрирани се на стратешките прашања, како што беа Преспанскиот договор, НАТО, а сега и решавање на проблемот со Бугарија и постигнување на европската агенда на државата, а овие стратешки прашања не се решаваат со Христијан Мицкоски“, вели Мисовски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ја немаат потребната бројка да формираат парламентарно мнозинство. Инаку, зошто би чекале и тоа не би го направиле веднаш.

ОДЛУКА ДОНЕСЕНА ВО НАЈНЕЗГОДЕН МОМЕНТ

Сепак, веста за дејствувањето на ЛДП не успеа да стане ударна на политичката сцена во земјава, со оглед на информацијата од многу потежок калибар, поточно за бегството на екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Колку и од ЛДП сега да ја „омекнуваат“ нивната одлука, премиерот Зоран Заев не криеше дека им е сериозно лут, иако рече дека ова е нивно легитимно право. Нивната одлука ја оцени како „удар и одлука донесена во „најнезгоден момент“, односно како одлука несоодветна во време кога опозицијата зборува за ново парламентарно мнозинство.

„Одлуката на ЛДП е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција и чекаа соодветен момент. Објаснувањето за ова е дека сакаат да имаат поголема видливост, бидејќи наводно помалите партии се претопени во поголемите и го разбирам тоа. Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или на заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Ова го сметам за удар врз СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ: РАЗГОВАРАМЕ СО ПРАТЕНИЦИ ЗА НОВО МНОЗИНСТВО, НО ТАА ОПЕРАЦИЈА УШТЕ НЕ Е ЗАВРШЕНА

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ова го искористија за сопствено поентирање, и повторија дека во тек е формирање на ново парламентарно мнозинство кое тие би го предводеле, иако признаа дека тоа уште не е завршена работа. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, вчера рече дека разговорите за ново парламентарно мнозинство се во тек. 


„Подолг временски период јавно кажуваме, не криеме дека разговараме со пратеници кои се дел од владејачкото мниозинство, а не припаѓаат на СДСМ или ДУИ, за формирање на ново парламентарно мнозинство. Таа операција уште не е завршена, но е во тек и очекувам да финишира со уривање на оваа Влада и создавање на ново парламентарно мнозинство. Потешкотиите кои оваа Влада ги има со обезбедување кворум се уште една потврда на ова што го зборуваме. Времето ќе покаже дали има или не ново парламентарно мнозинство“. Логичното прашање, е - ако мнозинството е стабилно, зошто Собранието веќе четврта недела не одржува пленарни седници, а одговорот е едноставен, затоа што не можат да изгласаат дневен ред, а не можат затоа што немаат мнозинство. Така што, она што можам да го потврдам во моментов е дека немаат мнозинство. Дали има ново парламентарно мнозинство, во моментиов работиме на тоа. Кога ќе има, ќе ве информираме“, рече Николовски. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица