Печатницата „Киро Дандаро“ продадена за 9,5 милиони евра
Објавено во: Економија 28 Април, 2023
Хрватската компанија САТО ја купи битолската печатница Киро Дандаро за 9,5 милиони евра. Трансакцијата за превземање ја објави Македонска берза, а за Фактор ја потврди првиот човек на акционерското друштво.
Објавено е дека се превземаат 442.055 акции со 1.290 денари цена по акција, Вкупната сума е 570.250.950 денари, што опфаќа 91.16 отсто од основната главнина. Претходно САТО, компанија од Забок, ја извести во март Комисијата за заштита на конкуренцијата дека се стекнува со самостојна контрола над Киро Дандаро.
„САТО Д.О.О. е друштво кое е активно во дејностите: Компјутерски и сродни дејности; Размножување снимени записи; Поправка и одржување канцелариски машини и опрема и Услуги на фотокопирање“, објави меѓудругото тогаш Комисијата за заштита на конкуренцијата и при тоа информираше дека оваа хрватска компанија досега немала никаква претходна економска активност во Македонија.Информацијата ја потврди и директорот Драги Милошевски, кој е еден од четворицата поединци кои досега беа доминантни сопственици на Киро Дандаро. Печатницата има и други физички лица-акционери, но многу помали.
- Дозволата е добиена и од Комисијата за хартии од вредност и сите процедури се завршени. САТО е компанија која доаѓа со големи амбиции и најавува работење на Киро Дандаро со нови подобрени инвестиции, ни изјави Милошевски.
Киро Дандаро покрај тоа што печати за купувачи од Македонија како што се АД Европа Скопје, АД Витаминка Прилеп, Макпрогрес ДОО Виница, АД Пивара Скопје, Прилепска пиварница АД Прилеп, Цермат ДОО Битола, АСП ДООЕЛ Охрид, Кожувчанка ДОО Кавадарци и многу други, исто така повеќе од половина од својот материјал го извезува надвор од земјата. Компанијата во јавноста е најпозната по редовното печатење на изборниот материјал.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.