Добивај вести на Viber
Бројот на патници на скопскиот аеродром „Александар Велики“ се зголемува, а авиобизнисот во Македонија бележи мини-бум, оценија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири, кои денеска го посетија аеродромот.
Од јули лани до август годинава низ скопскиот и охридскиот аеродром минале над еден милион 170 илјади патници. Во првите 6 месеци годинава, само од аеродромот „Александар Велики“ се превезени 560 000 патници, што е зголемување за речиси 20% во однос на лани. Најголем раст имало минатиот месец и тоа за 17,8 %.
„Една од иницијативите на Владата на Република Македонија за зголемување на бројот на дестинации исто така вродува со плод, од 2009 година кога имавме вкупно 15 поврзувања, директни летови кон други дестинации од скопскиот аеродром, денеска тој број е 27“, вели Пешевски.
Отворањето на косовското небо за авиосообраќај, придонесе земјава да стане европски лидер во зголемувањето на бројот на прелети.
„Во првите шест месеци на 2014 година сме лидери во Европа, со зголемување за 28,2% на прелетите во Македонија“, појасни Незири.
Властите очекуваат бројот на патници во 2014, да биде 100% поголем од оној во 2009.