По Берлин, Ница, Париз: Што ќе се случи со туризмот?
Објавено во: Свет 22 Декември, 2016
Нападот со камион на Божиќен базар во Берлин, извршен во понеделникот вечерта, нанесе уште еден удар на туристичкиот сектор во Европа.
Засегнат е град кој во последниве години привлекува се повеќе посетители, пишува Ројтерс.
Камионот удри во луѓето, при што загинаа 12 лица, а 48 беа повредени во нападот.
Нападот потсети на крвопролевање во францускиот град Ница во јули. Тогаш напаѓачот удри со камион во толпата луѓе кои го прославија Денот на Бастилја, убивајќи 86 лица и ранувајќи десетици.
„Божиќните базари се голема атракција во германските градови, вклучително и во Берлин, и без сомнение тој напад ќе има влијание врз бројот на посетителите во остатокот од годината"-посочува Вутер Гертс, аналитичар на туризмот во Euromonitor.
Нападите во Ница и Париз во ноември минатата година, како и во Брисел во март, веќе ги намалија патувањата до Европа, особено од САД, Кина и Јапонија.
Компанијата ForwardKeys која ги прогнозира туристичките трендови, анализирајќи 16 милиони резервации дневно, посочи дека резервациите од Кина за Европа се намалени со 7,7% помеѓу средината на ноември 2015 година и средината на октомври 2016 година.
Во вторникот ForwardKeys соопшти дека резервациите за Берлин се намалиле за 6,6% поради загриженоста за безбедноста во Европа.