Добивај вести на Viber
Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје го потпиша договорот за изградба на Панорамското тркало со градежната фирма „Бетон“ - Скопје. Објектот, кој ќе се издигне на нов мост во Вардар, помеѓу Камени мост и мостот „Гоце Делчев“, според договорот е предвидено да чини 18,3 милиони евра.
Изградбата на целиот објект е предвидено да трае пет години, а на мостот се планираат и придружни објекти - кафетерија, сувенирница и ресторан.
Панорамското тркало ќе биде високо 73 метри, мерено од брегот на реката, а ќе има дијаметар од 57 метри. На него ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од нив. Гондолата ќе може да издржи товар од 750 килограми. Максимален капацитет на патници на Панорамското тркало ќе биде 300 луѓе, односно 240 возрасни и 60 деца.
Првично се планираше изградбата на овој објект да се финансира од донации на приватни компании, но подоцна планот беше изменет, па за изградба на тркалото ќе се издвојуваат пари од државниот буџет.