Добивај вести на Viber
Парцели со поглед на езерото Козјак за цена од 1 евро квадрат повторно ќе бидат понудени на продажба. Станува збор за дваесет и четири парцели кај село Близанско, за кои беше поништена претходната продажба поради упад во системот, , пишува дневниот весник „Нова Македонија“.
Најголем дел од парцелите, дваесет и две се наменети за изградба на викенд-куќи, една е за изградба на комерцијално-деловен објект и една за спортско-рекреативен комплекс.
„Површината на овие парцели се движи од 400 до 1.200 квадратни метри. Парцелата понудена за изградба на комерцијално-деловен објект се протега на површина од 1.623 квадратни метри, а почетната цена за оваа парцела изнесува 350 денари за квадратен метар, додека парцелата наменета за изградба на спортско-рекреативен комплекс е со површина од 7.691 квадратен метар, со почетна цена 100 денари за квадрат“, информира Милосим Војнески, градоначалник на општината Македонски Брод.
Вторпат на продажба се понудени и 3 парцели кај село Инче со површина од 60.000 квадратни метри, на кои треба да бидат изградени 3 фотоволтаични централи. Почетната цена за еден метар квадратен за овие парцели изнесува 150 денари.
Козјак е вештачко езеро, најголемо во Македонија, на реката Треска, со извонреден животопис. Изградбата на браната го заживеа и туризмот во овој дел од Македонија, а се очекува со продажбата на парцелите да има се повеќе посетители.