Добивај вести на Viber
Четири држави од регионот денеска во Будва го потпишаа Протоколот со кој се предвидува постепено намалување на тарифите за разговори во роаминг. Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина се обврзаа во следните три години да ги сведат цените за роаминг услуги на нивото одредено со Директивата на Европската комисија за подрачјето на земјите-членки на ЕУ, односно на околу 25 евроценти за минута.
Протоколот беше потпишан на фестивалот „Инфофест“ во Будва. Иако претходно беше најавено, со документот сепак не се опфатени Турција и Албанија.
Со Договорот од Будва се предвидува веќе во следниот месец да започне прилагодувањето на законската регулатива во оваа област и да се формира заедничка комисија од регулаторните тела на четирите држави, која цените ќе ги усогласува на предвиденото ниво.
Властите не очекуваат со потегот да дојде до пад на приходите на телекомуникациските компании во четирите земји, затоа што проценуваат дека намалените цени ќе се компензираат со зголемен сообраќај. Зголемен приход се очекува да остварат и вклучените земји преку данокот остварен благодарение на тоа што со пониските цени ќе се зголеми и корисничката база.
Најголеми противници на договорот беа операторите од Црна Гора, кои сметаат дека во текот на летната сезона остваруваат големи приходи токму од роаминг услугите. Но, властите сепак одлучија да не чекаат на согласност од операторите и практично да ги принудат да се согласат со намалување на тарифите.