Поведена постапка против Сител за небалансираност во известувањето, членовите поделени
Чилиманов и Димишкова подготвуваат издвоено мислење, а денеска изјавија дека со одлуката за поведување прекршочна против Сител се потврдува дека адхок телото трпи директни притисоци и наметнувања ставови од Агенцијата.
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2016
Ад-хок телото за мониторирање на медиумите со три гласа „за“ и два „против“ одлучи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) да поведе прекршочна постапка против телевизија Сител за небалансираност во известувањето.
Од ваквиот предлог на адхок телото се изземаат двајцата членови кои гласале „против“, Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова, кои се на предлог на ВМРО-ДПМНЕ во телото, со став дека имало значително подобрување во известувањето на медиумот. Тие сметаат дека прекршочната постапка е неоснована и се базира на субјективно подготвен извештај од страна на ААВМУ.
Чилиманов и Димишкова подготвуваат издвоено мислење, а денеска изјавија дека со одлуката за поведување прекршочна против Сител се потврдува дека адхок телото трпи директни притисоци и наметнувања ставови од Агенцијата.
Димишкова подвлече дека ваквата ситуација е резултат на несоодветната методологија според која работи адхок комисијата, методлогија која, рече, не е во согласност со Изборниот законик.
- На барање на политичките партии работиме по методологија која е спротивна на Изборниот законик и практично нема критериуми на постапување. Затоа лично одлучив да постапувам по француската методологија која во првите три извештаи на медиумите им дава шанса, односно им дозволува можност да направат максимум 10 грешки, рече Димишкова.
Според Љубомир Костовски, еден од членовите на адхок телото што ја поддржува прекршочната пријава за ТВ Сител, има основа за поднесување прекршочна пријава.
- Не гледам што е толку возбудливо што се поднесува предлогмерка за некоја телевизија. Не знам зошто Сител би бил нешто посебно за после пет минуи од гласањето, да имаме прес конференција, изјави Костовски според кој допрва на адхок телото му претстои работи и сигурно ќе има и други постапки.