Познато колку Апостолска, Шапуриќ, Даути и другите ги „помогнале“ Кромберг и Шуберт, Гентерм, Леар, Ендава....
Објавено во: Економија 17 Јуни, 2019
Со околу доделени 16 милиони евра легнати на сметките на странските инвеститори во 2018-та, Македонија се отвори со „големо срце“ и добредојде за овие компании кои покажале претприемачки дух и интерес да вложат во индустриските зони.
„Најдарежлива“ била министерката без ресор задолжена за привлекување на странски инвестиции Зорица Апостолска, чиј кабинет се погрижил да биде исплатен персоналниот данок и половина од социјалните придонеси за работниците од „Кромберг и Шуберт“ во висиона од 6,5 милиони евра за минатата година, а исто така и 400.000 евра за помагање на почетната инвестиција на германски ВИК.
Меѓу оние кои „честеле“ е и Дирекцијата за технолошко-индустриски зони кои им простиле 4,82 милиони евра, односно 297 милиони денари на Гентерм, Џојсон Сејфти Сиситемс, Техникал Текстил, Макдиа, ОДВ Електрик, Аптив Сервис, Адиент Аутомотиве, Ван Хол и Џакатај Кабло. Станува збор за грантови за работни места, поврат на придонеси и даноци, градежна помош, средства за машини и царински олеснувања.
Кабинетот на министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Зоран Шапуриќ, доделил како помош 2,2 милиони евра, од кои најмногу - 1,78 милиони евра помош за исплаќање на персонален данок на доход. Државна помош одобрил и Бардуљ Даути, исто така министер без ресор за привлекување странски инвестиции, во висина од 22,4 милиони денари за британската ИТ компанија „Ендава“ како поврат на реализирана инвестиција.
Генералниот секретаријат на Владата на тетовски „Леар“ лани му префрлил 65,6 милиони денари, односно безмалку 1,1 милиони евра за отворање на работни места во 2018.
Агенцијата за привлекување на странски инвестиции со вкупно 300.000 евра царински ослободувања им помогнала на АРЦ Аутомотив, Ван Хол, Витек, Кемет Електроникс и Адиент.
А.К.