09 Октомври, 2024
0.2367

ПРИКАЗНАТА НА ДЕНИЦА ВЕЛКОВСКА, МАЈКАТА НА МАЛИОТ ХЕРОЈ ЈАНЕ: Син ми славеше за лекот со фудбалска химна

Објавено во: Стил 03 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Јане беше збунет бидејќи не го подготвивме, а потоа се израдува и се приклучи кон славењето. Почна да пее и дури ја преиначи химната на „Манчестер Јунајтед“. Сега е разумен и знае дека ќе треба малку да се почека за примање на терапијата, но често прашува кога ќе почне. Брат му Огнен пак на сите им се фалеше дека стигнал лекот. На свои 6 години тоа му беше главна тема! Дали да плаче човек, или да се радува, душичка мала

Приказната на Деница Велковска, мајката на деветгодишниот Јане, чија фудбалска страст го обиколи светот е пример за храбра, позитивна и упорна жена. Борбата на Деница на нејзиното семејството, тој и уште шест дечиња кои боледуваат од спинална мускулна атрофија (СМА) да го добијат лекот „спинраза“ се исплатеше.

Најсреќната вест неодамна пристигна за овие деца, а целата јавност чиј миленик стана Јане ја прифати со голема радост. Лекот ќе почне да се носи во Македонија, а Владата ќе одобри средства за негово набавување, информираа неодамна од СТОП СМА Македонија.

„Кога дознавме дека лекот ќе стане достапен за Јане и за другите дечиња, чувството беше неверојатно, поточно беа измешани чувства на среќа, возбуда, олеснување и спокој истовремено. Чувствата траеа и се мешаа бидејќи многу мисли од минатото и посакуваната иднина ни прелетуваа низ глава едно по друго. Смеењето и гушкањето помогнаа“, ја започна својата приказна за „Женски магазин“ Деница.