Приведениот инспектор на УЈП за примање поткуп бил поранешен управник на тетовската дирекција
Објавено во: Македонија 05 Февруари, 2020
Приведениот инспектор од Управата за јавни приходи, кој барал поткуп од 300 евра, е всушност поранешен управник на Регионалната дирекција на УЈП Тетово.
Ова денеска го потврди директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која му се заблагодари на бизнисменот што го пријавил случајот.
„Очигледно дека станува збор за изолиран случај кој не е честа појава во општеството. Во УЈП максимално сме посветени на чесно, транспарентно и законито работење на сите инспектори и даночни контролори. Сепак, секој инспектор си одговара за самиот себе колку ги почитува законите и колку не ја злоупотребува службената должност. Му благодарам на обврзникот што се охрабрил да го пријави ова дејство. Понатаму ќе видиме како ќе се одвива целиот процес за инспекторот кој е и поранешен управник на Регионалната дирекција Тетово“, рече Лукаревска.
Фактор вчера објави дека вработен во УЈП од Тетово бил приведен поради примање поткуп. Тој од гостиварец побарал 300 евра за да не му биде затворен неговиот објект. Тоа се случило откако пред една недела контролите откриле дека во објектот имало незаконитости.
Но, во соработка со полицијата, овие пари на гостиварецот биле означени, а кога на вработениот од УЈП му биле дадени тој се обидел да се ослободи од нив, но бил „уловен“ од полицајците.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска, околу 12.30 часот, на улица „Кеј Вардар“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода М.А.(38) од Тетово поради примање поткуп од лице од Гостивар.