Добивај вести на Viber
Невладината организација „Еко-герила“ најавува дека ќе поднесе претставка до Уставниот суд поради одлуката на Владата да дозволи продолжување на рокот за работа на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, иако фабриката не ги исполнува еколошките стандарди предвидени со закон.
Жалбата ќе биде поднесена заради прекршување на членот 43 од Уставот на Република Македонија. Во овој член се наведува дека: „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
„Со големо жалење и разочарување ја примивме веста дека фабриката „Југохром“ повторно доби дополнителен рок, имено уште две години за исполнување на еколошките стандарди, што значи дека продолжува со работа без ималку почит кон граѓаните на Полошкиот регион и нивното здравје“, стои во реакцијата на невладината „Еко-герила“.
Тие потсетуваат дека од 2006 до денеска сите министри на Министерство за животна средина се од Полошкиот регион, а од 2005 овој загадувач не направил ни најмал обид во насока за поставување на филтрите. За екологистите, животите на 340.000 граѓани од полошкиот регион се поважни од платите на 1.000 вработени во фабриката, па затоа велат дека ќе бараат поддршка и од другите невладини организации во обидите „да се оневозможи фабриката да продолжи да го труе населението во следните две години“.
„Ќе преземеме демократски мерки со кои ќе го запреме производниот процес на „Југохром“. Ќе ги контактираме и вработените во Југохром со цел да ги убедиме дека нашата иницијатива е и за нивно добро како жители но и како работници. Ќе ги убедиме дека поставување на филтрите е гаранција дека фабриката нема да се затвора и отвора кога ќе им текне на двајца сосптвеници, и дека нивните работни места ќе бидат осигурени за наредните 10 години“, најавува „Еко-герила“.