24 Ноември, 2024
0.0289

Интервју со Проф. д-р Љупчо Коскаров: Човек со две срца

Објавено во: Интервјуа 08 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Работниот ден на проф. Д-р Љупчо Коскаров декан и професор на Универзитетот Еуропа Прима почнува во 8 часот. Во поладневните часови се подготвува за пробите со своите колеги, поврзани со уметничка активност. Претседател е на Собранието на Сојузот на музички уметници на Македонија, (СОКОМ). Вели дека не постои тешка функција. Потребна е добра психофизичка подготовка. А тој ја стекнува со вежбање, возење велосипед, пливање. Обрнува и внимание на здравата исхрана, за која е одговорна неговата сопруга. 

Разговорот со Коскаров е вистински благодет. Искрено ќе ви каже дека потекнува од сиромашно кавадаречко семејство, но со богата музичка традиција. Горд е што со својот талент и упорна работа, борејќи се сам со тешкотиите, стигнал и постигнал успех. Своето образование го оформил на Универзитетите во Љубљана, Скопје, Софија и Благоевград. Добитник е на повеќе награди и признанија во Р.М и во странствоВо текот на својот професионален развој и кариера учествувал на бројни семинари и мастер класови во земјата и надвор од неа. Исто така, водел и бројни семинари со ученици, студенти и наставници по труба во земјава. Учествувал на бројни научни конференции и симпозиуми во Србија, Турција, Бугарија, Унгарија и Словачка, за што има добиено и сертификати за учество. Објавил стручни, научни трудови, учебници и прирачници.

Фактор: Следува период на уписи на нови студенти на факултетите. Каква програма ќе понудите за привлекување на нови студенти? 

- За жал, заради пандемијата, сега сме во друг начин во придобивање и анимирање на нашиот Универзитет, за да се запишат новите студенти. Едноставно ги користиме електронските медиуми и комуникацијата што ја имаме на Фејсбук. И на тој начин, сите што се заинтересирани ги информираме што е интересно за нивната кариера, за да се запишат на нашиот факултет. Инаку, во изминатиот период можеме да кажеме дека имавме многу студенти. Кога дојдов на факултетот во 2010 година, имаше многу мал број студенти, а сега бројот е четирикратно зголемен. За среќа имаме студенти и од Србија, Хрватска, Црна Гора Косово, Албанија. Навистина стануваме интернационален универзитет. 

Фактор: Постои мит дека на приватен факултет се купува диплома, а на државен мора да се учи многу повеќе. Зошто? 

- Затоа што таков е нашиот амбиент во којшто живееме. Ако погледнеме пошироко, 90% во светот се приватни универзитети. Шефилд, Харвард, тоа се приватни универзитети, не се државни. Кај нас е тоа мит кој потекнува од нашата поранешна држава, каде што имавме само државно училиште, државен универзитет. На моите студенти им кажувам, кога ќе отидеш во светот, не те прашуваат на кој универзитет си завршил или каде. Тие прво гледаат какво знаење имаш. Тоа е пред сѐ важно. Или второто коешто е многу значајно, е во чија класа си завршил. Кај кој професор. Кога ќе видат дека ти навистина си способен, тогаш се случуваат професионални договори, каде што или си во оркестар, или си во настава, или компонираш, или пишуваш. Мислам дека тоа е основата на којашто во целиот свет се цени. 

Фактор: Студентите велат дека позитивно ги мотивирате и ја поттикнувате креативноста кај нив. Поседувате и голема умешност во комуникација со нив. Секој професор не може да добие вакви позитивни критики. На што се должи тоа?

-Ништо друго не практикувам. Потекнувам од сиромашно семејство од Кавадарци. Татко ми беше земјоделски работник, а мајка ми домаќинка. Моите професори, во земјава и надвор од неа, многу топло ме примија. Односот кон мене на моите професори Савев, којшто ми предаваше во Македонија, на Антон Грчев во Љубљана, на Ангел Кирилов Македонски во Софија и на Морис Андреев во Франција или Рудолф Гетлер од Германија, е ист како мојот кон студентите. Го применувам нивниот начин на работа и воспитување. Тие беа многу непосредни со мене. Тоа ме инспирираше да ги прашам: „Професоре, вие сте голема личност, а ме прашувате синко од каде си? Кој си?“ Кога го забележаа мојот потенцијал и талент и увидоа дека имааат со што да работат, тогаш ме прифатија како свое дете. Максимално се трудеа да ми дадат совети за да се надоградам, за да успеам и да бидам тоа што сум денес.

Фактор: Од вашите објавени дела, осебно значајна е монографијата Primary Education for trumpet in the Republic of Macedonia (Theory and Practice of Trumpet Education), објавена во Германијаод престижната Ламберт академија - Берлин, во која концизно ги обработувате сите аспекти на образованието во Македонија, правејќи компаративен осврт со светските искуства. Какво е нашето образовавие?

- Порано, ние имавме еден железен систем на едукација. Кога отидов во Љубљана, можев да се носам и со тамошните колеги, студенти. Нормално, талентот после прави да отскокнеш малку од другите. Но, потребно е и постојано да работиш и да вежбаш. Ако направам компарација со моите колеги во другите земји, ние сме луѓе коишто не сме многу принципиелни. Тие кога ќе речат да работат – работат и по пет-шест часови. Ние можеме да поработиме два часа и да речеме: „Е, доволно ни е, нема потреба да вежбам.“ Што е огромна разлика. Нам ни недостасува многу принципиелност и упорност, за да се успее. Фактички такво ни е и општеството во кое што живееме досега. Нашата едукација овде може да биде уште подобра, само треба ние самите да си ја промениме свеста како професори. Значи, дружба е дружба, служба е служба. Тоа сум го сфатил низ текот на годините со сите оние со коишто сум комуницирал и соработувал. Имаме творештво, ама треба да бидеме реални. Ако сум еден од докторите на музичка интерпретација во Македонија, поблиските соседи имаат повеќе како мене. Ние со нашата едукација треба да се натпреваруваме со нив. Не е бариера ако сум Македонец, на пример, да предавам и во Белград. Студентите ценат колку знае професорот. Значи, името, презимето и земјата не се важни. Туку колку професорот е поткован со знаење. Да се претстави со нешто ново, непознато за нив. 

ЧOВЕК СО ДВЕ СРЦА

Фактор: Вашата сопруга е професор д-р Розалина Попова Коскарова, предава општа педагодија, методика, менаџмент на Факултетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет. Како функционираат два интелекта успешни на две различни страни?

- Прво ѝ благодарам за сѐ што досега направила за мене. И за разбирањето. Кога Таа секогаш ме поддржуваше во работата.  Да не беше таа не би бил тоа што сум денес. Добар уметник е тој што е сигурен дека покрај себе има личност којашто го поддржува и во добро и во лошо, затоа што нашата професија е многу одговорна. Кога настапуваш на сцена пред публика, мораш постојано да бидеш мотивиран, спремен. Нема пардон, никој нема да ти прости. Можеш да отсвириш илјада тонови, а еден да погрешиш и сите ќе се држат за тој што си го погрешил. А никој нема да каже: „Е, браво, без грешка беше!“ 

Фактор: Родители сте на две исклучително успешни деца ќерката Аријана и синот Бојан Форбс ги стави на листата „30 под 30“ за 2019 во Европа, со нивниот модел на иновативно неформално – Creative Hub. Кој ваш совет беше најмногу мотивирачки при нивното школување?

- Кога беа мали, им велев дека тоа наследено богатство може преку ноќ да се изгуби, доколку сам не успееш во својот живот. Ги потсетував дека со нивната мајка сѐ што имаме сами сме го спечалиле. Им ставивме јасно до знаење дека треба сами да се изборат, да направат свој пат и да одат по него. Тие тоа го сфатија сериозно и многу сме им благодарни. Но, не е тоа сѐ. Ние уште од мали нозе сме ги насочувале да се едуцираат. И Аријана и Бојан паралено учеа во гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ и во Музичкото училиште. Беше тешко и јас ги разбирам, зашто во гимназијата учеа по 14 предмети, а во музичко девет. Но, целата инвестиција се исплати. Кога лани Бојан и Аријана го добија признанието, ја собраа елитата на Форбс од блиското соседство во земјава. На настанот ни пријде евроамбасадорот Жбогар и ни рече: „Добро, вие сте музичар, а Розалина педагог. А на кого се децата така талентирани?“ Јас му одговорив: „Ќе ви раскажам една случка со баба ми, која ми остана во сеќавање од моето дество. Црна Река, кај што живеевме во Кавадарци, знае да дотече и да биде поголема од Вардар. Тргнавме да осе шетаме јас баба ми и едно другарче. Брегот се срони и моето другарче падна во водата. Јас без да размислувам се фрлив во водата за да го извадам. А реката беше дотечена два метра. И брза. Не знам како успеав, го фатив за врат, го влечев и го извлеков. Баба ми ни подаде рака, излеговме на брегот. Додека стигнавме од реката до дома баба ми занеме. Ние ја прашувавме, а таа не одговараше. Бев петто, а другарчето осмо одделение и беше многу покрупен од мене. Кога стигнавме дома баба ми проговори и му рече на татко ми : „Синко, Љупчо е со две срца.“ Тие две срца им ги предадов и на децата.

Фактор: Имате многу настапи во текот на кариерата и во земјава и во странство. Кои ви оставиле најголем впечаток и посебно ве мотиварале?

- Само што се вратив од Љубљана, се изведуваше претставата „Дон Карлос“ со Томислав Шопов. Тогаш Мајските Оперски Вечери се одржуваа во преполна Универзална сала. Во „Дон Карлос“ има места каде што треба да свирам соло заедно со баритонот. Затоа што тој без мене не може да отпее, ако добро не му отсвирам. Има три-четири места коишто се во многу тежок тоналитет и не може секој да ги отсвири. И тогашниот директор на Операта ми рече: „Ова можеш само ти. Салата е преполна. Имаме интернационалци од цел свет, пејачи, солисти..“ Бев млад но, не се исплашив, влегов во огнот. А по интерпретацијата, заедно со солистот, Томислав Шопов ме повика да застанам на сцената пред публиката која не поздрави со овации. Цела ноќ не можев да спијам од воодушевување. Пред три години бевме во Њујорк. На нашиот концерт присуствува многу гости. Имавме три биса. Професорот Горазд Росоклија кој беше присутен на станот, ја снимал со мобилен изведбата на композицијата „Рањез“ од Родриго. Снимката ја ставил на својата Фејсбук страна. За еден час ние имавме три илјади прегледи. Ни заѕвони околу полноќ и ни рече: „Погледнете што се случува! Прашуваат кој е овој што го свири ова? Дали е Шпанец, Американец или е нешто друго?“ Тој миг како да ми го продолжи животот и ме мотивираше уште повеќе да работам.

Фактор: Досега имате снимено неколку компакт дискови и остварени музички записи за МРТВ. Покрај сите обврски, имате ли време да се препуштите на креацијата од која ќе произлезе нова музика спакувана во издание?

- Мојата кариера почна во Македонската филхармонија, бев нивни стипендист. Миле Николовски, таткото на на Саша Николовски – Ѓумар, тогашен декан на Музичката академија, пресуди дали ќе бидам дел од македонската или од љубљанската филхармонија. Во тоа време немаше инструментален отсек за труба. Со професорот Тома Прошев дојдоа во Љубљана со договор да бидам нивни степендист, но кога ќе завршам да се вратам во Скопје. Кога го завршив факултетот, се вратив во Филхармонијата, првично почнав и во оркестарското свирење, имав и повеќе солистички настапи.. Во тој период бев во многу добра форма, одев на многу натпревари, во Минхен, Прага, Стокхолм. Го направив и својот „Македонски брас квинтет“, со кој снимив и неколку цедеа.

Фактор: Работите ли на нов проект?

 -Со професорот Дарко Мариновски обработивме околу 20 инструментални композиции. Сѐ што кажувам Дарко бележи, зашто одлично ги познава компјутерските програми. Сега имаме чувство дека можеме да напишеме и оперско дело, што е нajтешко и најпрецизно. Затоа што ги имаме сликите за оркестарот, за балетот. Впрочем, и другите композитори кога компонирале користеле фоклорни мотиви. Мислам дека зрелоста си го прави своето. Да се втурнеш и во тие води. Да бидеш на некој начин задоволен од тоа што ќе го напишеш. Да кажеш: „,Е, ова го направив.“ И тоа останува за идните генерации.

Соња Алексовска Неделковска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.