26 Април, 2024
0.0264

ПРОФИТИ ИЗРАЗЕНИ ВО СИЛНИ МИЛИОНИ ЕВРА - како одработе големата банкарска тројка во првите три квартали

Објавено во: Финансии 29 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Не дека некогаш имале лоши резултати, но добвките на македонските банки и натаму растат.

Големата банкарска тројка вчера преку берзата ги објави финансиските извештаи за првите три квартали од годинава.

НЛБ Банка и стопанска банка во своите биланси на успех прикажале значаен раст на своите профити за деветте месеци од 2021 година, додека раст на добивката, само малку поскромен, е забележан и кај Комерцијална банка.

Најголемата македонска банка, Комерцијална, во првите три квартали има добивка од 22 милиони евра, што во однос на истиот период лани е раст од 3,4 отсто.

Од Комерцијална банка во образложението на својот биланс на успех велат дека планираната бруто-добивка за трите квартали од годинава е остварена со 91,7 отсто.

„Овој позитивен резултат од работењето, банката го оствари во услови на постепено закрепнување на економијата од последиците поврзани со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, при што и понатаму остануваат присутни одредени ризици и неизвесност поврзани со пандемијата. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 14,3 отсто помала во однос на минатата година, што главно се должи на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот (во истиот период минатата година од продажба на преземен имот се реализирани значително поголеми приходи во износ од 931 милион денари, од кои најголем дел е од продаден имот од должниците Технометал Вардар и Прототип ДООЕЛ Скопје)“, објаснуваат од Комерцијална банка.

Додаваат и дека во овој период се забележало и намалување на нето-исправката на вредност на финансиските средства, со оглед дека во истиот период од минатата година банката направила антиципација на влошувањето на дел од корпоративното портфолио поради состојбата со ковид-кризата, додека, пак, се забележуваат позитивни придвижувања во економијата и во портфолиото на Банката. Согласно тоа, остварената исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа заклучно со 30 септември достигнала износ од 844,5 милиони денари, наспроти 1.258,5 милиони денари во истиот период минатата година.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.514,2 милиони денари и бележат намалување од 8,3 отсто во однос на истиот период од минатата година.

„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2021 година изнесуваат 1.820,4 милиони денари, при што бележат минимално зголемување од 0,2 отсто, кое е остварено во услови на намалени каматни стапки кај кредитите и депозитите, како и намален обем и каматна стапка кај пласманите во благајнички записи во однос на истиот период минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 94,6 отсто. Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2021 година изнесуваат 745,7 милион денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 16,4 отсто како резултат на пониска споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 117,7 отсто. Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 133,7 милиони денари и бележат зголемување од 11,6 отсто. Останатите приходи од работењето на Банката се 756,4 милиони денари и бележат намалување во најголем дел како резултат на помал износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот“, објаснуваат од банката за тоа каквви се состојбите на приходната страна.

Кога станува збор за расходната страна, пак, оперативните расходи во првите девет месеци од годинава изнесуваат 1.312,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3,9 отсто, главно како резултат на зголеменa амортизација по основ на ставање во функција на нов резервен компјутерски центар на Банката и зголемени премии за осигурување на депoзитите.

„Во периодот од 01.01-30.09.2021 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 2,1 милион денари“, објаснуваат од банката.

Кога станува збор за активата на банката, таа на крајот на септември достигнала 144.177,4 милиони денари или 2,344 милијарди евра и во однос на декември 2020 година бележи зголемување од 8,7 отсто.

Од Комерцијална банка во своето образложение на финансискиот резултат уште и информираат дека банката на 24 август годинава исплатила дивидендата за 2020 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 11.08.2021 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2020 година во износ од 1.367.440.200,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 741.219.600,00 денари и на физички лица во износ од 626.220.600,00 денари.

Стопанска банка Скопје, пак, има остварено финансиски резултат од дури 32,8 милиони евра. Во однос на истиот период лани тоа е раст за 28 отсто.

„Подобрување на резултатите од работењето има речиси кај сите позиции, пред сè, како резултат на воспоставениот бизнис-модел на Банката, приспособен на потребите на клиентите и на пазарот“, велат од Стопанска банка Битола.

Нето-приходите од камати изнесуваат 2.849.954 илјади денари и се зголемени за 3 отсто во однос на истиот период од минатата година.

„Притоа, продолжува трендот на надолно движење на каматните стапки, при што влијанието е поизразено кај каматните расходи поради поголемиот износ на депозити во однос на кредити“, објаснуваат од банката во образложението.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 633.279 илјади денари и се зголемени за 16 отсто во однос на анализираниот период од минатата година, пред сè поради зголемениот обем на активности речиси во сите сервисни услуги. Нето-приходите од курсни разлики се зголемени за 40 отсто во однос на истиот период од минатата година и изнесуваат 97.569 илјади денари како резултат на зголемениот волумен на тргувања на девизниот и менувачкиот пазар. Останатите приходи од дејноста забележаа зголемување од 49 проценти и изнесуваат 324.374 илјади денари.

„Во исто време, Банката успеа да ги одржи оперативните трошоци од работењето на релативно исто ниво, при што трошоците за вработени изнесуваат 663.122 илјади денари, додека оперативните трошоци изнесуваат 577.329 илјади денари“, објаснуваат од Стопанска банка.

Банката издвоила исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа, во износ од 606.151 илјади денари, која е намалена за 16 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Вкупната актива изнесува 106.840.438 илјади денари или 1,74 милијарди евра, и  е зголемена за еденотсто во однос на крајот на минатата година.

„Како и досега, надградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Секако, грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите продолжува да биде примарен фокус на менаџментот, како и во досегашниот период“, потенцираат во образложението на деловниот извештај на Стопанска банка Скопје.

Информираат и дека на годишното акционерско собрание се донела одлука за исплата на дивиденда на имателите на приоритетни акции во вкупен износ од 1.364.664 денари или бруто-износ од 6 денари по акција, која се реализирала во текот на месец јули 2021 година.

Одличен финансиски резултат за првите девет месеци покажува и НЛБ Банка. Нејзината добивка во првите девет месеци изнесува 27,46 милиони евра или тоа е раст за 33,5 отсто во однос на истиот период претходната година.

Нето каматните приходи заклучно со 30.09.2021 година се повисоки за 1,4 отсто споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 1,7 отсто, главно поради пониски каматни приходи од секторите нефинансиски правни лица и население, додека расходите по камати се пониски за 22,7 отсто главно поради пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Нето приходите од провизии се повисоки за 9,5 отсто споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 22,6 проценти, како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали и повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата. Расходите за провизии се зголемени за 46,8 отсто, главно поради повисоки расходи за картично работење и повисоки расходи за кеш центар. Останатите некаматни приходи изнесуваат 824.352 илјади денари и се повеќекратно зголемени во однос на истиот период претходната година, главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население како и поради зголемени приходи од курсни разлики.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 3.929.508 илјади МКД и се повисоки за 18,9 отсто во однос на истиот период претходната година.

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 1.555.792 илјади денари и се зголемени за 10,7 отсто при што трошоците за вработени се повисоки за 5,6 отсто, трошоците за амортизација се повисоки за 16,7 отсто, останатите расходи од дејност се повисоки за 14,5 проценти во однос на истиот период претходната година.

Биле издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 468.071 илјади денари или 5,3 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата и квалитетот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 28.949 илјади денари.

Бруто добивката на Банката заклучно со 30.09.2021 година изнесува 1.876.696 илјади денари и е зголемена за 33,5 отсто во однос на истиот период претходна година.

„Во периодот од 01.01.2021 до 30.09.2021 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2021-та година, прилагодувајќи го работењето на изменетите пазарни услови поради пролонгираната пандемија од КОВИД-19, која донесе бројни ограничувања во домашната и меѓународната економија“, објаснуваат од НЛБ Банка.

И во третиот квартал од 2021 година, Банката, нагласуваат, продолжила да остварува позитивни резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси.

„Банката се насочи кон имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции“, потенцираат од НЛБ Банка.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени за 12,5 отсто и изнесуваат 15.095.152 илјади денари.

Во анализираниот период, НЛБ Банка, како што потенцираат од банката, нема исплатено дивиденда, во согласност со одлуката на Народната банка од февруари 2021 година.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ПЛАТА 120.000, А НЕ ВИ ТРЕБА ФАКУЛТЕТ! Младите се почесто отвораат сопствен бизнис во оваа област, а работници нема доволно во Србија

ПЛАТА 120.000, А НЕ ВИ ТРЕБА ФАКУЛТЕТ! Младите се почесто отвораат сопствен бизнис во оваа област, а работници нема доволно во Србија

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат

МАКЕДОНЦИТЕ ПОЧНАА МАСОВНО ДА ОДАТ ВО ГРЦИЈА: Еве ги цените во предсезоната

МАКЕДОНЦИТЕ ПОЧНАА МАСОВНО ДА ОДАТ ВО ГРЦИЈА: Еве ги цените во предсезоната

АМЕРИКА МОЖЕ ДА СЕ СООЧИ СО СТАГФЛАЦИЈА: директорот на JPMorgan Chase предупредува „економијата на САД се враќа на проблемите од 70-тите“

АМЕРИКА МОЖЕ ДА СЕ СООЧИ СО СТАГФЛАЦИЈА: директорот на JPMorgan Chase предупредува „економијата на САД се враќа на проблемите од 70-тите“

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка