Добивај вести на Viber
Градежната компанија „Бетон“ направила грешка при изведбата на катната гаража кај Судската палата - објектот не работи додека не се санираат пропустите.
На последната седница на Советот на општина Центар претседавачот Мирослав Шиповиќ му постави прашање на градоначалникот, Андреј Жерновски, зошто граѓаните не можат да ги паркираат таму своите автомобили.
Од општината се надеваат дека градежната фирма ќе ги санира штетите - проблеми со инсталацијата, прокиснување на плафонот и распаѓање на ѕидот на одредени места. Проблемите излеоа на површина особено по поројните дождови што го зафатија Скопје и кои покажаа дека објектот има дефекти.
Катната гаража беше пуштена во употреба во февруари 2013 година, но досега многу малку се користеше. Изградбата на гаражата чинеше 5,6 милиони евра од кои дел се обезбедија преку комерцијални кредити кои сè уште се отплаќаат.