Добивај вести на Viber
Пронајдена е патогена бактерија во три примероци од храна земени за лабораториски анализи од градинката „Детска радост“, клон Сончоглед, во скопската населба Автокоманда.
Како што соопштија од Центарот за јавно здравје - Скопје, сепак во нив не е најдена бактеријата салмонела, која што беше првично детектирана кај трите деца од оваа градинка. Притоа испитани се седум брисеви од работни површини, три испироци од раце и 70 примероци од фецес на вработени и деца. Микробиолошка неисправност е утврдена кај три, од седумте земени примероци од храна.
Брисевите од работните површини и рацете на вработените се чисти, но централната кујна во градинката останува затворена додека не се направат сите лабораториски анализи.
Во тек се вонредните санитарно-хигиенски прегледи на вработените.
Цецата кај кои минатат седмица беше утврдена салмонела ќе смеат да одат во градинка откако ќе добијат 3 последователни негативни резултати за оваа бактерија. Уште девет деца од „Сончоглед“ побараа лекарска помош минатата недела поради симптоми на труење со храна. Поради тоа голем дел од родителите одлучија да ги задржат своите деца дома и да не ги пуштат во градинка.
Во „Детска радост“, сместени се над 600 деца. Храна во градинката сега се обезбедува од фирми кои имаат лиценци.