Добивај вести на Viber
Првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Трета македонска бригада“ беше пуштена во употреба денеска. Во минатото оваа сообраќајница беше тесно грло, со две ленти и до одреден степен не дозволуваше брз проток на возила, рече премиерот Никола Груевски.
„Денес, после реконструкцијата и новите градежни зафати, веќе е широк булевар со 4 сообраќајни ленти, целосно осветлени, со голем средишен зелен простор и странични тротоари, од кои едниот вклучува и додатен зелен простор, пешачка и велосипедска патека…Денес е булевар што нуди функционалност и побрз протол на возила, кој му дава нова свежина и нова убавина на Градот Скопје“, нагласи тој.
Градоначалникот Коце Трајановски потенцира дека булеварот „Трета македонска бригада“, е проширен и реконструиран на потегот од булеварот Србија до улицата „Фрањо Клуз“ во должина од 1.243 метри. Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција во прва фаза изнесува 147,2 милиони денари.
„Од двете страни се изградени тротоари покриени со бекатон плочки, на вкупна површина од 9.200 квадратни метри. Поставена е атмосферска канализација во должина од 1.300 метри со променлив профил“, вели Трајановски.
Од левата страна на булеварот тротоарот е широк 1,5 метри, а од десната е оформен зелен појас, велосипедска и пешачка патека. На средината на новопроширениот коловоз е изградена жардиниера со ширина од 5 метри. За уредување на зеленилото Градот Скопје има вложено 8 милиони денари.
Фото:
А1он