Добивај вести на Viber
„Ројал Македонија“, првата галија на Вардар, која ќе функционира како кафуле и мезе-бар, викендов ги прими првите гости. Тоа е галијата која е поставена во близина на МЕПСО.
Според Давор Андреевски, сопственик на фирмата „Фаланга“, инвеститор на овој и на бродот што се гради спроти новото МНР, објектот е во функција од саботата.
„Немаше потреба од гламурозни и спектакуларни отворања. Работиме најнормално, и утринска и дневна шема, до 1 часот по полноќ. Имаме кафе, пијалаци, храна, мезиња…“, изјави за тој за Утрински весник.
Конструкцијата и на двата брода е од челик и дрво, а внатрешноста е од гипс- картон, односно изградени се од материјал кој може лесно да се демонтира со оглед на тоа дека станува збор за урбана опрема.
Освен фирмата „Фаланга“, брод во Вардар гради и сопственикот на ресторанот „Воденица“.Таа галија е предвидено да биде хотел со 16 соби и два апартмана. Ќе има три ката, ќе биде долг 35, широк 16 метри со едра високи 35 метри. Сплавот генерално ќе биде изграден од дрво.
Освен овие три, предвидена е изградба на три галии и на другата страна на Вардар, но засега нема заинтересирани инвеститори да ги изградат.