06 Мај, 2024
0.0254

Путин најсилен адут на изборите, не само во САД!

Објавено во: Свет, Колумни 28 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

До претседателските избори во САД остануваат десетина денови. Реториката меѓу конкурентите во САД, Хилари Клинтон и Доналд Трамп се распламтува. Јавните дебати завршија, а сега до 8 ноември на ред е „освојувањето“ на државите каде што гласачите се за едниот или другиот, но не со големо мнозинство.

Во јавните дебати Русија беше една од главните теми околу која спореа Клинтон и Трамп. Се испукаа за тоа кој ја „сака“ Русија, кој е „жртва“ на руски хакери, кој знае како треба со Русија и слично. Сега на ред се локални теми, но пак се јавува по некоја искра, колку да покаже дека „рускиот оган“ не е докрај изгаснат. Коментатори пак отстрана додаваа масло во тој оган и работите дојдоа до таму, небаре Русија го избири новиот американски претседател. 

Републиканскиот кандидат Трамп не еднаш зборуваше за пријателски односи со Русија. Тој е за сојуз со неа во борбата против Иламската држава во Сирија, додека Клинтон ја обвинува Русија за воени злосторства врз цивилите во таа земја. Трамп дури најави дека ако го изберат за претседател до денот на инаугурацијата може да отпаува во Москва да се сретне и да поразговара со Владимир Путин. На Хилари Клинтон и се крева коса на глава од таквите изјави и го обвинува Трамп дека не знае ништо за националната безбедност на САД.  Спротивставени ставови двајцата канидати имаат и за Украина. Крим за Трамп е завршена работа. А Клинтон, пак, се залага за поддршка на Украина за враќање на нејзиниот суверенитет во целост и на Крим.

„Руските“ хакери доминираа во почетокот на дебатите. Објавените метријали ја стресоа Демократската партија, кога се откри дека нејзиното раководство ја фаворизирало Клинтон, на нечесен начин, во соперништвото со Берни Сандерс за претседателски кандидат на партијата. И сегашните материјали што ги публикува Викиликс не им даваат спокојство на Клинтон и нејзиниот штаб.  : - Јас бев шокирана кога Доналд го повика Путин да ги хакираат Американците“, изјави во една дебата Клинтон. Одговорот на Трамп беше: - Не е докажано дека е Русија, можеби е Кина или едноставно некој дебел хакер седнат на диван.

Клинтон, по објавувањето на писмата од Викиликс изјави: - Тоа што руските хакери и Путин се мешаат во нашите внатрешни работи, во нашите избори е поважно отколку мојата лична пошта. Русите се мешаат во изборна кампања и верувајте, ним не им е потребна мојата победа. Доналд им ветил отворање бизнис во Русија. Таа јавно изјавуваше дека ќе и се спротивстави на Русија, на Путин и тоа како претседател.

А Трамп, пак, не еднаш изјави дека, ако стане претседател, може да најде заеднички јазик со Путин. Во време на дебатата на 20 октомври Трамп зборуваше дека како претседател неговите односи со рускиот лидер би биле подобри, отколку на Хилари Клинтон. Претходно тој изјавуваше дека сите проблеми со Русија се предизвикани од тоа што сегашните лидери на САД често го навредуваат рускиот претседател.

Реториката на Клинтон е поддржани од повеќе главни медиуми во САД. Некои од нив и јавно се определија за поддршка на кандидатот на Демократската партија. Па почна антитрамповска кампања. Па така излегуваа жени, со име и презиме, кои биле „сексуално злоставувани“ од Трамп. Овој пак им се закани со тужби. „Вашингтон пост“ дури пишуваше и за тоа дека Путин се обидува да извезе во САД обоена револуција не без помош, сакана или несакана, од Доналд Трамп. Демек, да им врати на Американците „мило за драго“ за обоената револуција во Украина во 2004 година, кога Виктор Јушченко, го победи Виктор Јанукович.

Се јави и поранешниот државен секретар Мадлен Олбрајт. Во интервју за MSNBC,таа рече дека „Русија го прави она што никогаш не се правело – се меша во нашиот избирачки процес. Како што знаете јас не мал дел од својот живот го проведов следејќи за тоа што се случува во Советскиот Сојуз и Русија. Тоа што се случува сега едноставно поразува и тоа е мешање во нашите демократски работи. А еве што се случи. Во СССР порано се користеше прекрасен термин „полезен идиот“. Јас мислам дека Трамп потпаѓа под таа определба на луѓето со кои манипулираат, во тие рамки и Руси, а тие од своја страна се обидуваат да се мешаат во нашите демократски процеси, бидејќи кај нив нема демократија. Тоа е проблем на националната безбедност, во смисла, дека Русија всушност учествува во нашиот демократски процес, кој ние толку го негуваме. А Трамп или е дел од рускиот план или едноставно се фаќа во поставената замка, зборувајќи за манипулации со изборниот процес и давајќи разни изави за гушење на избирачите“. Поентата е јасна. Тие немаат демократија, па се мешаат во нашата. А Трамп е „корисен идиот“.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, вчера, на заседанието на Меѓународниот дебатен клуб „Валдај“ ги нарече хистерија разговорите за тоа дека Русија се меша во американските претседателски избори. „Кон бројните митски, измислени проблеми се однесува и широката хистерија, поинаку не можам да кажам, по повод влијанието на Русија на текот на сегашните избори на американски претседател“, рече Путин. „Зарем некој сериозно мисли дека Русија може да влијае врз изборот на американскиот народ? Што е Америка, некаква банана држава? Не, тоа е голема држава“, изјави рускиот претседател. Коментирајќи ги обвинувањата за руските хакери за напад врз серверите на Демократската партија, Путин изјави дека „поедноставно е да се одвлече вниманието на луѓето со руски хакери и шпиони, отколку да се решаваат раелните проблеми воземјата“. 

Одговарајќи на прашање за Трамп, Владимир Путин, мисли дека „ Господинот Трамп избрал свој начин да дојде до срцата на избирачите. Секако тој се однесува екстравагантно, сите ние го гледаме тоа, но јас мислам дека сето тоа не е бессмислено“. Путин смета дека Трамп ги претставува интересите на обичните луѓе, „ оној дел од општеството кој е заморен од елитите во власта“. Според Путин „Трамп работи на тоа поле. А колку тоа ќе биде ефикасно ќе покажат изборите“. Притоа Путин забележа дека Русија ќе соработува со било кој претседател кој ќе биде избран од народот на САД. За сомнежите дека Русија е вовлечена во предизборниот процес во САД Путин изјави дека станува збор за „целосни измислици и глупости“, а исто така и за „начин за манипулирање со јавното мнение пред изборите“. Според него во печатот(во САД) не случајно се појави мнение дека Русија се клади на Трамп. “Јас многу ретко гледам дека нешто случајно се создава од водечките медиуми. Таа идеја е исфрлена во јавното сознание во текот на претседателската кампања, на мој поглед, само со една цел – со целта на борбата на оние кои го заштитуваат кандидатот на Демократската партија госпоѓата Клинтон“, рече Путин.

Во играњето карти адутот е во рацете на оној кој го има. Во изборната кампања во САД барем досега еден од адутите и на Трамп и на Клинтон е Путин, иако тој е далеку од нивните раце. Тој беше посиленадут и од државниот долг и од даноците и од здравствто и од полицискиот произвол... Кој ќе одигра подобро со него ќе видиме на 8 ноември. Но тука нема да заврши улогата на Путин во предизборните кампањи.  

Во Германија договодина ќе има парламентарни избори. Населението е поделено. Истокот и Западот на земјата поинаку го гледаат развојот на односите со Русија. Исто и бизнис елитата. Веќе се пишува дека и левицата и крајната десница се обединети во своите погледи кон Русија, поврзани со санкциите и политичките односи. Разлики има и во големата коалиција на демохристијаните и социјалдемократите. А има и во односите на коалиционите партнери во десницата. Русија секако ќе биде неизоставна тема, а Путин повторно ќе се јавува како адут. 

Франција ја очекуваат претседателски избори. Франсоа Оланд, Никола Саркози, Марин Ле Пен. Три личности со три разлини приоди кон Русија и Путин. Оланд – антирус кој им се улизува на Американците, Саркози – лисец кој смета дека со Русија мора и треба да се разговара, а Ле Пен искрен приврзаник на политиката на Русија. 

Матео Ренци, италјанскиот премиер, неодамна беше кај Барак Обама во Вашнгтон. Американскиот претседател се расфрлаше со пофалби за работата на Ренци. Но овој е еден од главните заговарачи во ЕУ за укинување на економските санкции кон Русија во интерес на италијанскиот бизнис. И, е радо виден гостин во Москва и небаре пријател со Путин. Некои локални власти во Италија веќе имаат донесено резолуции за укинување на санкциите. Тие не се обврзувачки, но влијаат врз јавното мнение. И главно, се од северот на Италија, каде што се најголемите компании. Во Италија ќе нема избори, но на 4 декември ќе треба да се одржи референдум за промени во Уставот. Доколку Италијанците не ги поддржат измените Ренци ќе треба да замине од функцијата.

Конечно, и кај нас ќе има избори на 11 декември. Белким кај нас Путин нема да биде еден од адутите во нив. Иако за ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека го обожуваат и го носат на постери и знамиња. Не знам како е со социјал демократите. Но ништо не се знае. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

УНИШТЕНИ ДОМОВИ, ПАТИШТА, МОСТОВИ: Колку луѓе загинаа во поплавите во Кенија?

УНИШТЕНИ ДОМОВИ, ПАТИШТА, МОСТОВИ: Колку луѓе загинаа во поплавите во Кенија?

ГАЗА: Луѓето во северниот дел гладуваат

ГАЗА: Луѓето во северниот дел гладуваат

ЕРУПЦИЈА НА АНТАРКТИКОТ: Вулкан исфрла 80 грама злато дневно

ЕРУПЦИЈА НА АНТАРКТИКОТ: Вулкан исфрла 80 грама злато дневно

ФИДАН: Должност на целата глобална муслиманска заедница е да ги збие редовите во одбрана на Палестинците

ФИДАН: Должност на целата глобална муслиманска заедница е да ги збие редовите во одбрана на Палестинците

(ВИДЕО) ЗЕЛЕНСКИ ГО ЧЕСТИТА ВЕЛИГДЕН: Бог има украинско знаме на рамото, животот ќе ја победи смртта

(ВИДЕО) ЗЕЛЕНСКИ ГО ЧЕСТИТА ВЕЛИГДЕН: Бог има украинско знаме на рамото, животот ќе ја победи смртта

ТИНЕЈЏЕР ИЗБОДЕ МАЖ СО НОЖ: Tepoристички напад во Австралија

ТИНЕЈЏЕР ИЗБОДЕ МАЖ СО НОЖ: Tepoристички напад во Австралија

(ВИДЕО) УКРАИНКА ОДЕШЕ ПЕШ 10 КИЛОМЕТРИ ЗА ДА СЕ СПАСИ: Има 98 години и со бастун стигна до територијата под контрола на Украина

(ВИДЕО) УКРАИНКА ОДЕШЕ ПЕШ 10 КИЛОМЕТРИ ЗА ДА СЕ СПАСИ: Има 98 години и со бастун стигна до територијата под контрола на Украина

УШТЕ ЕДНА ПОТЕРНИЦА: Русија го бара и командантот на копнените сили на Украина, Александар Пављук

УШТЕ ЕДНА ПОТЕРНИЦА: Русија го бара и командантот на копнените сили на Украина, Александар Пављук

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра