Добивај вести на Viber
Непознати сторители завчера напладне се обиделе да го ограбат станот на градоначалникот Зоран Дамјановски на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, јавува Кумановоњус.
Обидот за кражба се случил помеѓу 13 и 14 часот додека никој немало дома. Крадците ја скршиле бравата и лајсната на влезната врата, но не влегле во станот, најверојатно затоа што наишол некој од соседите.
Скршената врата ја нашла сопругата на градоначалникот кога се вратила од работа. Дамјановски во тоа време бил во Скопје на службен состанок. Веднаш повикале полиција која излегла на терен и извршила увид на лице место.
„Кражбата сакале да ја извршат најверојатно повеќе лица, многу професионално, затоа што бравата ја провртеле со дупчалка а бургијата ја ладеле во водата за цвеќиња што во шише ја чуваме пред станот.Истовремено ги ограбиле и соседите. Незнам кој би можел да го стори тоа и не се сомневам во никого, оставам полицијата да открие" изјави градоначалникот за порталот.
Од СВР Куманово го потврдуваат случај на тешка кражба во обид во станот на градоначалникот, и велат дека работат на откривање на сторителот.