06 Мај, 2024
0.0264

Русија 2018 – победа на Путин!

Објавено во: Македонија 15 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

На отворањето на Светското првенство во фудбал Русија ја здроби Саудиска Арабија со пет гола разлика. Прв натпревар и прва победа за Русите. Можеби е важна. Но многу поважна е победата на претседателот Владимир Путин кој уште во 2010 година вети дека Русија ќе организира првенство кое ќе се памети. Да видиме, да го дочекаме крајот, па да ја потврдиме оваа констатација. Но, вчера стана јасно дека Владимир Путин успеа да ја наметне Русија и во светскиот спорт и покрај многуте обиди тоа да не се оствари. Успеа да  покаже дека Русија не само што е супер сила(според него), туку и центар кон кој до 15 јули ќе бидат вперени очите на стотици милиони гледачи и љубители на најубавата споредна работа во светот. А десетици илјади, веќе се дојдени во Русија на самото место да ги бодрат своите национални селекции.

Низ што се не помина Русија во изминативе осум години. Од 2010 година наваму односите меѓу Истокот и Западот одеа само по надолна линија. Особено откако Путин се врати на претседателската функција во 2012 година. Во 2014 година се случи Украина. Крим се присоедини кон Русија, а на истокот на Украина со руска поддршка се одвоија два региона. Во 2015 година руски војници заминаа во Сирија. Тие години беа воведени и меѓународни санкции против Русија, кои се на сила до ден денес. Големите афери во ФИФА, апсењето на нејзини функционери, истраги против првиот човек Сеп Блатер,го ставија под сомнение и начинот на кој на Русија и беше доделена организацијатана Светското првенство. Исто како и на Катар во 2022 година.

Новиот прв човек на ФИФА, ЃаниИнфантино уште тогаш изјави дека првенствата во Русија и во Катар ќе се одржат како што е одлучено.Неодамна во едно интервју за германски „Ханделсблат“ Инфантино ќе изјави дека е уверен во тоа дека за време на Светското првенство Русија ќе му докаже на светот дека таа е отворена земја, која што луѓето можат да ја посетуваат и да го празнуваат и да му се радуваат на фудбалот. И дека Русија ќе ја оствари својата цел и ќе организира најдобро светско првенство во фудбал. За Инфантино, контраверзните теми, како што се човековите права, допингот, хулиганите, теми кои се расправаат и се разгледуваат во контекстот на Русија воопшто не му влијаат на сонот. „јас ретко бев така спокоен“, вели тој. За него не е проблем и можниот бојкот на Светското првенство од страна на странски политичари заради „спорните активности на претседателот Путин“. „За нас тоа не е важно“, рече тој, додавајќи дека „Што се однесува до ФИФА, ние сме сконцентрирани на фудбалот“.  Ваквиот однос и став ги потврдува констатациите дека ФИФА сега е „наднационална држава“. Што, ако се има предвид со колку пари располага и какво влијанаие има, и не е далеку од вистината.

Русија во изминатиот период беше обвинета дека има државна програма за допинг, афера која придонесе голем број руски спортисти да не заминат на зимската олимпијада во Јужна Кореја. Ја обвинуваа за мешање во американските претседателски избори, па и во некои референдуми и избори во Европа. И за се' ова имаше санкци и дипломатски скандали. Русија е обвинувана за притисок врз опозицијата, за авторитарен режим, за имитација на демократија...На Запад ја обвинуваат и за расизам и за хомофобија на стадионите и на улиците.

До пред три месеци на Запад кон Путин се однесуваа како небаре болен од чума. Особено по аферата со труењето на двојниот руски агент Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка, наводно од страна на Русите. И по ова имаше дипломатски скандали. Многу чести беа повиците за бојкот на светското првенство. Особено во Велика Британија, каде што освен власта и некои медиуми навиваа да не се оди во Москва или други руски градови. Демек, навивачите немало да бидат сигурни, Русите биле лоши, градовите биле небезбедни...И навистина многу политичари од Запад се откажаа да патуваат во Русија на светското првенство во фудбал, но некои од нив најавија и доаѓање, доколку нивната репрезентација игра во финале на првенството.Згора на се во некои медиуми, и руски, беше најавувано дека Украина ќе започне воени операции за ослободување на Донбас.

По се ова како да се случи чудо. Како се наближуваше почетокот на првенството, Путин како одеднаш да оздраве од чумата. Па почнаа да му доаѓаат на гости првите луѓе од првите држави во Европа. Емануел Макрон, Ангела Меркел...Тој беше во Австрија...Во Европа се раздвижуваат приврзаниците за разгледување на политиката на санкции кон Русија. Но, се чини најголем фан на Путин е американскиот претседател, непредвидливиот, Доналд Трамп. И покрај тоа што Американците речиси секој месец воведуваат некакави санкции кон Русија, и повикуваат кон бојкот на првенството, Трамп во негов стил, пред десетина дена во Квебек во Канада на самитот на Г7 изјави дека Русија треба да учествува на таков самит. Вчера дури изјави дека една четвртина од времето во Квебек потрошиле на расправа за Русија. Што само по себе зборува за неопходноста и таа да е таму. Сосема друго прашање е тоа што сега Русија и не е многу загреана да оди на таков Самит, по шлаканицата што и ја удрија членовите на Г7, кога не дојдоа на веќе договорениот самит во Москва. Тоа беше многу голем удар и за Путин, кој не сака да трпи удари, поточно порази. Додека траеше самитот во Квебек, Путин беше во Кина на Самиот на Шангајската организација за соработка. Не помалку важен од оној на Г7. Таму беа лидерите на Русија, Кина, Индија, Пакистан и некои држави од постсоветското пространство.

Сето ова зборува дека сега Путин ќе ја искористи шансата да ја покаже Русија во поволно светло. Веќе има одгласи. Во некои медиуми се зборува за тоа колку чисти станале руските градови каде што ќе се играат натпревари од првенството. Колку биле уредени тие градови. Колку биле убави стадионите. Колку биле точни возовите. Еден новинар од норвешкиот „Афтонбладет“ поминал минативе денови 20.000 километри со возови и вкупното каснење било само пет минути. Навивачите се потсетуваат дека рублјата паѓа, што им овозможува да јадат и пијат поевтино. И конечно дека е зголемен бројот на полиција која се грижи за безбедноста. Единствено предупредување е да не наседнуваат на таксистите, кои знаат да ги измамат патниците.

Првенството е можност и за геополитика. Путин на отворањето беше домаќин на многу државни лидери. Вчера најважен му беше наследниот саудиски принц, Мохамед ибн Салман. Веќе се соопштува дека Путин е поканет во Саудиска Арабија на самиот на ОПЕК+, неформална организација која успеа да ја подигне цената на нафтата од што имаа полза и Русија и Саудиска Арабија. Првенството во Москва ќе треба да покаже дека и покрај санкциите, кои никој ги немаше на ум во 2010 година, ама дојдоа, таа е способна да организира настан од светски размери, наспроти жолчните критики од Западот. Да покаже дека ниту Русија, ниту Путин не можат така лесно да се изолираат.

Наредниов месец најверојатно ќе паднат во сенка многу работикои беа актуелни во изминатот период. Секако ако не се случи нешто непредвидливо. Тоа ќе му овозможи на Путин да ги дочекува политичарите кои ќе доаѓаат да гледаат фудбал. А тоа ќе биде и знак за мали геополитички чекори на Путин во насока која тој ја предвидел. Не помалку ова првенство ќе биде важно за него и за собирање поени дома. Со тоа што на својот народ ќе му ја нахрани гордоста дека и нивната Русија може успешно да организира големи настани, независно од успехот на нивната репрезентација, која засега не е меѓу фаворитите. А авторитаризмот? Еден месец ќе биде во заборав.

И јас ќе заборавев. Последните три светски првенства се играа во земји од БРИКС. 2010 во Јужна Африка, во 2014 во Бразил и сега во Русија. И тоа е некаков знак. Најверојатно Кина ќе се канидира за 2030 година. А во меѓувреме САД, Канада и Мексико ќе треба да се покажат во 2026 година. Се разбира ако Трамп во меѓувреме не им ги замрси работите.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗАВРШЕН МИТИНГ ДЕНЕСКА НА СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ - во 19 часот на Сквер Јадран

ЗАВРШЕН МИТИНГ ДЕНЕСКА НА СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ - во 19 часот на Сквер Јадран

ЗА ДЕНЕСКА НАЈАВЕН ЗАВРШЕН НАРОДЕН СОБИР НА ЛЕВИЦА - ќе се обрати лидерот Димитар Апасиев

ЗА ДЕНЕСКА НАЈАВЕН ЗАВРШЕН НАРОДЕН СОБИР НА ЛЕВИЦА - ќе се обрати лидерот Димитар Апасиев

ЈАНАКИ ГО ВИКА АПАСИЕВ НА ТВ ИЛИ ПОТКАСТ ДУЕЛ: Ќе добие можност да ме прегази како правник, а и ќе се наплаќа

ЈАНАКИ ГО ВИКА АПАСИЕВ НА ТВ ИЛИ ПОТКАСТ ДУЕЛ: Ќе добие можност да ме прегази како правник, а и ќе се наплаќа

„КАКО ДА ГО ЧУВАМ ДЕТЕТО КОЕ СЕ ОПОРАВУВА И ДА ГИ ЛЕЧАМ РАНИТЕ ОД КУЧИЊАТА, БЕЗ ФИНАНСИИ“ - потресна приказна на граѓанка од Скопје

„КАКО ДА ГО ЧУВАМ ДЕТЕТО КОЕ СЕ ОПОРАВУВА И ДА ГИ ЛЕЧАМ РАНИТЕ ОД КУЧИЊАТА, БЕЗ ФИНАНСИИ“ - потресна приказна на граѓанка од Скопје

„ДВЕ ЛИЦА БЛИСКИ И ПОД КОМАНДА НА КИЧЕЕЦ МИ СЕ ЗАКАНУВААТ“ - Боки 13 вели дека нема да молчи и се ќе каже на второто гостување кај Лазаров

„ДВЕ ЛИЦА БЛИСКИ И ПОД КОМАНДА НА КИЧЕЕЦ МИ СЕ ЗАКАНУВААТ“ - Боки 13 вели дека нема да молчи и се ќе каже на второто гостување кај Лазаров

КАКО ВО ЛЕТО: ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ДЕНЕСКА - температури и до 26 степени

КАКО ВО ЛЕТО: ЕВЕ КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ДЕНЕСКА - температури и до 26 степени

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Православните го слават Велигден, политичарите повикаа на сплотеност

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Православните го слават Велигден, политичарите повикаа на сплотеност

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕН: Фатмир Битиќи на гости кај Оливер Спасовски

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕН: Фатмир Битиќи на гости кај Оливер Спасовски

КОЛКУ СЕ ХРАНЛИВИ ЈАЈЦАТА: Дали треба да се внимава со жолчките?

КОЛКУ СЕ ХРАНЛИВИ ЈАЈЦАТА: Дали треба да се внимава со жолчките?