Добивај вести на Viber
Оглас за продажба на државно земјиште објави денеска општина Гевгелија. Понудените градежни парцели се за изградба на хотелски комплекс во близина на граничниот премин Богородица, станбена зграда во центарот на градот, индивидуални куќи и стоваришта.
Во хотелскиот комплекс е предвидено да има и казино, а за негова изградба е понудена парцела од 16.064 метри квадратни со изведбена површина од 9.329 квадрати. Електронската аукција ќе се одржи на 26-ти август со почетна цена од 223 денари за квадратен метар.
Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица и правни лица – државјани на Република Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Македонија и домашни правни лица.
Градежната парцела за станбената зграда се наоѓа во центарот на Гевгелија,на површина од 683 метри квадратни.Почетната цена на квадратен метар е повеќе од 10 пати повисока од онаа за хотелот и изнесува 2.570 денари. Електронската аукција ќе се одржи исто така на 26-ти август. Индивидуални куќи, пак, ќе се градат на четири парцели во поранешна „Касарна“ кои зафаќаат површина од 351 до 354 метри квадратни. Електронската аукција за нив ќе се одржи на 15-ти август со почетна цена од 1.003 денари за квадратен метар.