Се навршија 21 година од атентатот на Глигоров - нарачателите непознати
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2016
Пред 21 година на денешен ден со автомобил-бомба на улица „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, беше извршен неуспешен атентат врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров.
Нападот бил извршен со автомобил-бомба во 9.50 часот во 1995 година, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил експлодирала кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силната експлозија, ситроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу.
Тој го преживеа атентатот, но имаше тешки повреди на главата. Во атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и телохранителот Илчо Теовски. Истражната постапка против непознат сторител уште е отворена. Нарачателите и извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.