Добивај вести на Viber
Владата го распишува тендерот за гасификација на источна и западна Македонија. Физибилити студијата е веќе изготвена и усвоена, а сега ќе се бара компанија која ќе ја гради мрежата во останатите општини освен Скопје.
„Ако повикот биде успешен во 2015, значи дека до 2020 би требало да имаме целокупен дистрибутивен систем“, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.
Вкупната инвестиција за дистрибутивната мрежа долга над 650 километри ќе биде 150 милиони евра од кои 100 за скопскиот регион за кој јавните повици се веќе објавени и 50 за другите два, источниот и западниот.
Домашната мрежа што ќе се гради ќе биде подготвена за сите сценарија, без оглед од каде ќе стигнува гас во земјава.
„Независно дали ќе доаѓа од ТАП, дали преку Гаспром има и некои други варијанти кои се во игра, но сепак тие не зависат од Македонија, туку од меѓународни случувања. Наша задача е системот да го направиме флексибилен. И се што е потребно го правиме во таа насока“, вели Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Достапноста на овој енергенс ќе значи пониски сметки за граѓаните, смета министерот за економија Беким Незири.
„Ако индивидуален станбен објект голем 240 метри квадратни премине од екстра лесно гориво на гас, заштедата би била 45 отсто. Кај јавните институции, пак, заштедата би била околу 24 проценти“, објаснува тој.