28 Мај, 2022
0.0284

СЕРВИТИЗАЦИЈА - НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА МЕНАЏЕРИТЕ НА ФИНАНСИИ И КОНТРОЛЕРИТЕ (СНАБДУВАЊЕТО СО ЧИСТ ПРОИЗВОД ВЕЌЕ НЕ Е ДОВОЛНО)

Објавено во: Колумни 11 Мај, 2022

Во екот на подготовки на петтата меѓународна контролинг конференција Скопје-Франкфурт- Хајделберг, на тема: „Предизвици во контролингот: одржливост, нови бизнис модели, трансформација и криза“, заедно со колегите од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент (читај: еден од најдобрите универзитети за банкари, финансисти и менаџери во Германија), одлучив, за денес, да ја наметнам оваа мега тема во земјите од еврозонта, со особен осврт на компаниите во Германија - нашиот најбитен поединечен трговски партнер. Имено, последните официјални статистики на германската економија упатуваат на значително влошување на состојбите во економијата во март и април, во споредба со периодот пред почетокот на војната во Украина, при неповолни движења кај речиси сите сектори, што се одразува врз забавување на растот во првиот квартал. Тоа, од друга страна, се одразува директно и врз македонската економија со понеповолни ефекти врз состојбите на нашите компании - извозници во Германија. 

Имено, се работи за поимот „servitization” или во превод „сервитизација“ како нов тренд во управувањето со компаниите, особено во услови на глобална криза. Како што сме сведоци, денес, во пост-пандемиската доба, светот се наоѓа во фаза на еволуција, и тоа од понуда на производ во понуда на услуга. Тоа, има далекусежни последици за компаниите и нивните бизнис модели. Тука мислам на еволуцијата во поглед на актуелизација на трендовите на сервитизација. Со право, ќе сретнеме во некои писанија дека поимот „сервитизација“ може да се нарече и иновација на деловниот модел во компаниите. Во таа насока, контролингот ќе се соочи со ваквите нови предизвици, особено сега во кризни услови, и тоа токму поради овој т.н. мегатренд во светот. Но, тука се поставува прашањето: Какви ќе бидат тие предизвици?

Во таа насока, при анализа на ваквата тематика, јас би започнал со елаборација на следново потпрашање: Дали сме согласни дека кризата со пандемијата силно ја забрза ерата на дигитализација?

Да, сум на мисла. Поточно, по тој основ, воопшто не треба да се има сомнежи. Оттука, денешните клиенти, особено оние кои користат нови технологии треба да бараат индивидуални понуди од производствените компании или т.н. холистички понуди на услуги. Поточно, снабдувањето со чист производ веќе не е доволно, а за да се придвижиме понатаму кон тој нов пристап, треба да се преиспитаат големите компании од производната индустрија, со цел да ја одржи конкурентноста во пост-ковид периодот што следи. Сакам да кажам, мора да се зајакне филозофијата на трендот „сервитизација“.

Како резултат на кризата, се случуваат промени во предлогот на понудата од производствените компании, поточно во нивната понуда централно место не се веќе производите, како порано, туку услугите. Ова значи, големите производни компании во структурата на аутпути, освен традиционалното продавање на производите ги ставаат нивните услуги што ги нудат за клиентите, и тоа сè повеќе како централна компонента на бизнисот. Имено, да подвлечам дека во фокусот на иднината на компаниите кои се производители повеќе нема да биде вистинскиот производ, туку тоа ќе биде поддршката на клиентите. Тоа се новите пос-ковид цели на светските производни компании. Имено, ваквите тези ги влечам од писанијата на реномираната пошта „ДХЛ“ во истражувањата наменети за идните текови на однесување на нивните клиенти - производствени компании.

Понатаму, во насока на сервитизацијата, да појаснам, во стручните часописи на западно-еворпските земји е објаснета како нов тренд на одвивање, кој се карактеризира со тоа што се повеќе снабдувачи, се трансформираат - од производители на чисти производи во даватели на услуги. Оттука, на многу јасен начин сервитизацијата како мега тренд појава може да се опише и како промена од конвенционалните индивидуални понуди на услуги во сложени пакети на услуги.

За таа цел, ќе го споменам примерот кој го сретнав во истражувањето на претседателот на меѓународната контролинг асоцијација (ICV) проф. д-р Хајмо (од Автрија), а мој драг пријател, каде тој спомнува за сервитизацијата во компанијата за производство на автомобили „Ролс Ројс“. Имено, таму менаџментот со воведување на понудата по час „Power-by-the-Hour“, со која производителот на автомобили „Ролс Ројс“ направи скок, од тоа да биде чист производител, до тоа да стане давател на услуги.

Што значи ова?

Производителот на автомобили „Ролс Ројс“ не ги продава своите мотори, туку неговите клиенти плаќаат часови за соодветната употреба на моторот. Нешто како лизинг форма. На мисла сум, ваквите современи стојалишта, актуелни во Германија, Австрија и САД, ќе дадат допринос за промена во начинот на размислување кај македонските производни компаниии. Би дополнил дека пост-ковид процесите на производство во нашите компании ќе бидат под влијание на мега трендот „сервитизација“, сакале ние или не. Тоа е така, бидејќи консолидираноста во понудите (производите и услугите) веќе е актуелна, ако се има во предвид дека веќе сме во еден вид на т.н. „online доба“. Од друга страна, пак, за нас, како контролери и колегите финансови менаџери, тоа, ќе претставува голем  предизвик, особено кога ќе мора да ги изучуваат (оние кои се во фабриките) алатките на контролинг во услужниот бизнис, и обратно.

Денес, ете затоа, ние на часовите, во пандемискиве години, а особено сега во оваа 2022 година, со колегите од Хајделберг и Франкфуртската школата за финансии и менаџмент ги засиливме модулите со актуелни сметководствени дебати за политиките на залихи во трговијата (читај: трговските стоки), со посебен осврт на политиката на управување со залихите на трговските стоки на мало (по продажни цени), како и комбинацијата со политиките на залихи на големо (по фактурни цени). Ова е така, бидејќи со новите тренодви на воведување на услигите во производните компании ќе се појават нови трошоци за производот, а за таа цел се потребни нови контролинг алатки за контролерите. Потребни се нови сметководствени политики во компаниите!

Во овој контекст, би имало смисла да се дебатира за дополнителен контролинг пристап т.н. „пост-ковид“ базиран на искуствата на 2020 и 2021 година, со назив: „трошоци на процесите“. Бидејќи комбинацијата на производи и услуги создава нови деловни модели, контролерот во македонските претпријатија мора да се запознае со новите барања на економијата во однос на пресметките за профитабилноста.

P.S.

Овој дел го посветувам на тебе, за твојата душа, која, сега е кај Создателот, а сите ние секојдневно ја чувстуваме. Александар Рибалка, човек со голема моќ, Евреин од Тел Авив, а роден во Одеса (Украина). Еден од најголемите духовни мајстори кои сум ги запознал и сум поминал многу моменти и духовни скалила во Израел, уште од 2015 година. Почивај во мир! (TAF)

Сите ние, всушност сочинуваме една душа, поврзани сме и заемно зависни, како клетките во телото. Но, со растот на желбата за насладување, сѐ повеќе запаѓаме во себичност и го губиме чувството на нашето единство. Наместо тоа, денес се чувствуваме само самите себе. Дури ако влегуваме во однос со другите, тоа е само поради единствена цел - преку нив да примаме задоволство (личен интерес). Со еден збор - денес ние живееме во егоистична состојба, а суштината на духовните одлики како што се целосниот алтруизам и љубовта е над човечката способност за сфаќање. Дури и самото постоење на такви духовни одлики е над нашето сфаќање.

Практично, се чини дека ни треба некаков поттик за да извршиме какво било дело кое не ни ветува никаква лична добивка. Затоа, таквата одлика како алтруизам може да ни биде дадена само одозгора, и само тие меѓу нас, а таков беше најголем ТИ, кои го имаат искусено можат да го сфатат.

Моќта базирана врз ориентирање на објектите е лажна моќ. Со оглед на тоа што таа моќ е базирана на егото, трае толку долго колку што е присутен и предметот на ориентирањето. Ако имате одредена титула – претседател, премиер, директор, член на управа – ако имате многу пари, моќта што ја уживате оди заедно со титулата, со работното место, со парите. Моќта заснована врз егото ќе трае толку долго колку што ќе ни траат и тие работи. Штом титулата, работното место или парите ги снема, тогаш ќе ја снема и моќта. Од друга страна, пак, личната внатрешна моќ, добиена од Создателот е трајна, бидејќи се заснована нашето сопствено јас, на нашата алтруистичност и поврзаност со бесконечната енергија (светлина). Таква личност беше ТИ, Рибалка!

проф. д-р Синиша Наумоски

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје 

Можеби ќе ве интересира

РЕБАЛАНС КАКО ОДГОВОР НА КРИЗАТА И ЗАЧУВУВАЊЕ НА РАСТОТ

РЕБАЛАНС КАКО ОДГОВОР НА КРИЗАТА И ЗАЧУВУВАЊЕ НА РАСТОТ

Болни решенија за крај на војната во Украина

Болни решенија за крај на војната во Украина