ДЕНЕСКА ПРОТЕСТ НА ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА
Шарена Револуција: Кога на Груевски ќе му суди непристрасен суд, тогаш ќе можете да го судите Павле
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Активистите на Шарената револуција кои до пред неколку месеци протестираа низ улиците на главниот град денеска излегуваат на протест на кој ќе му дадат поддршка на нивниот соборец Павле Богоевски.
Протестот е закажан за во 10.45 часот пред Основниот суд во Скопје каде што денес Богоевски треба да се појави на судење.
ОЈО го товари за учество во толпа која што ќе изврши кривично дело, дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години.
Имено, Богоевски порача дека нема да ја признае вината за која се товари.
„Не може системот кој дозволува Груевски и неговото здружение десет години да ја силуваат државата, одеднаш да одлучи да доделува правда за тие кои протестираат против тоа (и благодарение на кои, Груевски и останатите сега се обвинети и осомничени, а не аболицирани лица)“, порача Богоевски преку социјалните мрежи.
Од Шарената револуција пак во пресрет на протестот порачаа дека „Павле ќе може да го судите само кога Груевски ќе седи на обвинителната клупа во соседната судница, пред навистина независен и непристрасен Суд!“, а до тогаш велат „Нема правда, нема мир“.