Добивај вести на Viber
Единаесет-единаесет беше исходот од денешното гласање во Советот на општина Центар со што СДСМ и коалицијата немаа доволно гласови за да поминат одлуките на градоначалникот Андреј Жерновски за стопирање на еднаш изгласаните спорни урбанистички планови.
Претседавачот Мирослав Шиповиќ повторно беше воздржан, но и тоа беше доволно за одлуките на Жерновски да не го обезбедат потребното мнозинство.
Според Шиповиќ, советниците од опозицијата имале можност на претходната седница да расправаат за спорните ДУП-ови Тасино Чешмиче и Градска четврт - Капиштец,но тие ја напуштиле.
Спорните урбанистички планови, меѓу другото предвидуваат изградба на хотел на 10 ката на Водно. Градоначалникот Жерновски најави дека ќе ги оспори на Уставен суд, бидејќи градбите на Водно се ризични и не се донесуваат согласно интересите на граѓаните.
„Доколку нешто се случи на Водно, на секои 5 минути ќе Ви се јавувам и ќе Ве потсетувам дека ова Вие сте го гласале. Не можат да се донесат одлуки со ист број гласови, затоа ова ќе го обжалам на Уставен Суд, кој со техничка одлука ќе констатира дека ова сценарио е спротивно на законот“, рече Жерновски.
Советниците од ВМРО – ДПМНЕ, како и претседавачот Мирослав Шиповиќ, тврдеа дека законите не се прекршени и дека ДУП-овите се донесени согласно законите, а дека од страна на градоначалникот на Центар и некои советници истите закони се толкуваат селективно.