20 Декември, 2025
0.1025

Што го премисли Мирослав Шиповиќ: Од пишман аџија до конструктивен колега

Објавено во: Македонија 05 Април, 2017 07:13

Добивај вести на Viber

Помалку од 24 часа траеше одлуката на Претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, да се повлече од функцијата. Завчера ја најави, вчера ја повлече.

Во тие 24 часа се огласи лично Шиповиќ, а потоа и градоначалникот Жерновски и се отвори „бришан простор“ за нагаѓања и шпекулации зошто се повлекува Шиповиќ и каков е куршлусот со градоначалникот.

Шиповиќ се повлекува од функцијата

Мирослав Шиповиќ преку писмено соопштение ја најави својата оставка, а како причина ја наведе лошата односно никаква соработка со Жерновски. Тој изјави дека со часови чекал пред канцеларија на Жерновски, за да разговараат, но вратата за него со месеци останала затворена.

„Оставката ја поднесувам поради неможноста да остварам соработка со градоначалникот. Досега некако комунициравме, последните два месеца не комуницираме воопшто. Мислам дека е најдобро да се повлечам од функцијата и да дојде некој нов претседател на Советот, кој што можеби ќе оствари добра комуникација и соработка со градоначалникот“, рече Шиповиќ.

Според градоначалникот Жерновски зачудувачки бил чинот на претседателот на Советот, да си поднесе оставка на крајот на мандатот.

„Не е точно дека тој ме чекал да го примам пред канцеларија, но точно е дека соработката беше нарушена од причини добро познати на јавноста. Имено, нарушувањето на соработката беше директна последица на донесувањето на ДУП-от за Водно од страна на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и добро познатата улога на претседателот Шиповиќ во исходот од гласањето. Да потсетам дека таквото негово однесување беше во спротивност со ставот на коалицијата, предводена од СДСМ“, соопшти Жерновски.

Откако двајцата си пратија пораки преку соопштенија оставката на Шиповиќ требаше да се официјализира на вчерашната седница на Советот и да се избере нов претседател. Но, што се случи во следните 24 часа, Шиповиќ и Жерновски џентлменски кријат. 

Шиповиќ не се повлекува

Наместо смена на Шиповиќ и избор на негов заменик, претседателот на Советот ја смени одлуката и соопшти „Не се повлекувам“. Решил да си дадат уште една шанса со Жерновски. Пред почетокот на седницата двајцата имаа 10-минутна средба и Шиповиќ ја соопшти конечната одлука дека останува прв човек на Советот на Центар.  

„На барање на советничката група на СДСМ и коалицијата и согласно водените разговори со градоначалникот, јас одлучив да ги повлечам двете точки кои се однесуваа на мојата оставка и да се обидеме уште еднаш да направиме напор да функционираме нормално како секоја нормална општина“.

Жерновски, пак, соопшти дека му е сеедно дали Шиповиќ ќе остане да биде претседател на Советот или само советник.

„Јас денеска дојдов на седница очекувајќи нов претседател на советот затоа што беше поднесена оставка. Меѓутоа ненадејно на самиот почеток на седницата претседателот одлучи да не ја повлече оставката. Јас бев повикан на разговор каде му кажав дека ќе прифатам и ако се повлече и ако не се повлече“, изјави Жерновски.

Како гласаше Шиповиќ за ДУП-от на Водно

На 18 јули 2014, спротивно на матичната СДСМ и коалицијата претседавачот на Општината Центар Мирослав Шиповиќ го подржа барањето на ВМРО – ДПМНЕ за ставање на дневен ред на измени на два детални урбанистички плана, меѓу кои и планот Тасино Чешмиче, кој предвидуваше нови 400 илјади квадратни метри на Водно и изградба на десеткатница.

Откако со гласањето на Шиповиќ на дневниот ред се ставија спорните ДУП – ови градоначалникот Жерновски и коалицијата предводена од СДСМ рекоа дека ќе се борат тие да не се донесат.

Коалицијата на СДСМ на крајот ја напушти и седницата, со порака ВМРО – ДПМНЕ и претседавачот Шиповиќ сами да ги донесат измените за градење на Водно. На крајот со 11 гласа за и еден против на Шиповиќ, кој обезбеди кворум на седницата, советниците на ВМРО – ДПМНЕ изгласаа измена на двата Детални урбанистички плана.

Жерновски вчера го потсети Шиповиќ токму на овој момент, кога го дал гласот за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„На така изгласаниот ДУП, со кои се дозволи градење на десеткатниците на Водно,  ставив вето и го оспорив на Уставен Суд. Но, оттогаш се поминати две и пол години, прашање е зошто го чекал крајот на мандатот за да поднесе оставка“ вели Жерновски.

Случај „Претседавач“

Мирослав Шиповиќ  во февруари 2014 беше обвинет во случајот  „Претседавач“, како член на раководството на фирмата „Машинопромет“.Тој  и  уште 11 други лица беа обвинети дека како членови на управниот и надзорниот орган на „Машинопромет“ или сопственици на други фирми направиле злоупотреба на службена положба и овластување и помогање при што направале штета од еден милион евра. По Шиповиќ министерството за внатрешни работи имаше меѓународна потерница и беше уапсен на виенскиот аеродром, па екстрадиран во Скопје.

Ј.М

Можеби ќе ве интересира

Загина малолетник во сообраќајка со мотоцикл

Загина малолетник во сообраќајка со мотоцикл

Удрил со возило во полицаец во Тетово и избегал

Удрил со возило во полицаец во Тетово и избегал

Загина работник од Аллбанија, му паднала машина додека работел на трафостаница

Загина работник од Аллбанија, му паднала машина додека работел на трафостаница

Отежнет патен и авио сообраќај во Македонија

Отежнет патен и авио сообраќај во Македонија

Поднесено обвинение пртив Сашко Јанчев, пратеникот на Левица, за сообраќајка со смртни последици

Поднесено обвинение пртив Сашко Јанчев, пратеникот на Левица, за сообраќајка со смртни последици

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки

ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа

ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име