Добивај вести на Viber
Во Советот на општина Центар денеска на гласање се три детални урбанистички планови, со кои меѓу другото се отвора можност за реконструкција на ГТЦ во барок стил и се зголемува катноста на новиот хотел што се гради кај поранешна „Панорама“ на Водно.
Седницата треба да започне секој момент, а одлуката веројатно ќе зависи од изјаснувањето на претседавачот на Советот Мирослав Шиповиќ, инаку советник од СДСМ.
Со неговиот глас, СДСМ има мнозинство во Советот, но во последните неколку дена се најавува можноста тој да смени страна и да гласа за прифаќање на урбанистичките планови.
Од СДСМ вчера излегоа со информации дека Шиповиќ самиот им признал дека по излегувањето од притвор за случајот „Машинопромет“ се соочува со огромен притисок и закани за да се изјасни со поддршка на урбанистичките планови. Тој самиот не ја потврди ваквата информација, но остави можност да гласа спротивно од своите сопартијци.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа обвинувањата за притисоци. Спорните точки се последното нешто за што ќе се произнесат советниците на денешната седница и се наоѓаат на крајот на дневниот ред кој брои вкупно 17 точки.