СЈО: Блокирана сметка на правно лице во случајот „Трезор“
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2016
Во текот на вчерашниот ден Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје донесе решение со кое наложи да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, соопштија денеска од СЈО.
- Ова решение беше донесено по повод наше барање за донесување привремена мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“. Појаснуваме дека нашето барање беше прецизирано согласно укажувањата на Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, со што изразивме подготвеност за продлабочување на професионалната соработка со Судот, додаваат од Специјалното обвинителство.
Инаку СЈО ги сомничи поранешните шефови на УБК и на Петтата управа, Сашо Мијалков и Горан Грујовски, помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Небојша Стајковиќ, како и бившиот шеф на кабинетот на директорот на УБК, Тони Јакимовски дека преку „Финзи“ испумпале пари од буџетот на МВР во вредност од околу 860.000 евра.