СЈО „џабе везе“: Одбиено барањето од судот за изземање на судијата за „Трезор“
Ова беше трето барање за изземање судија од страна на СЈО, а и претходните две беа одбиени како неосновани.
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Кривичниот суд го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на еден од судиите на претходна постапка за предметот „Трезор“. Ова беше трето барање за изземање судија од страна на СЈО, а и претходните две беа одбиени како неосновани.
„Постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) за изземање на судија на претходна постапка кој треба да одлучува по предлог на истото обвинителството за определување мерки за претпазливост против три лица опфатени во предметот на СЈО познат како „Трезор“, Претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, донесе решение со кое барањето се одбива бидејќи не се основани причините за изземање на судија кои СЈО ги навел во своето барање“.
На истото решение, со оглед дека се работи за изземање на судија на претходна постапка, СЈО има право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд – Скопје.
Инаку поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началникот на петтата управа Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и бившиот помошник министер во МВР и член на Управен одбор на Телеком Небојша Стајковиќ се осомничените во случајот Трезор.
Првите тројца осомничени, Мијалков, Јакимовски и Грујовски, во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, осомничените функционери ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР.
„Финзи“ е компанија во сопственост на фирма од САД, додека фирмата од САД е поседувана од фирма во Кипар. Прв директор на оваа фирма е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, последен беше Коста Крпач, сведокот на СЈО кој се самоуби.