Добивај вести на Viber
Загадувањето на воздухот во Скопје станува алармантно, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски пак вели дека Градот има малку надлежности во врска со овој проблем.
Последните мерења од Министерството за животна средина, покажаа дека состојбите се загрижувачки. Трајановски ја префрла топката кај Министерството.
„Надлежностите во тој дел ни се поделени и е многу мал обемот на надлежности на Град Скопје. Секaко ќе стапиме во контакт со Министерството за животна средина кое е надлежно за оваа проблематика, ќе ги дискутираме мерките кои треба да се преземат и во консултација со него, доколку е потребно, ќе преземеме соодветни мерки“, вели скопскиот градоначалник кој најави дека ќе бидат обновени мерните станици „Скопје дише“, но резултатите ќе бидат несоодветни поради градежните активности во центарот на градот. Сечата на дрвјата, за Трајановски не е проблем.
„Ние сме посадиле повеќе од 50.000 дрвја во градот Скопје и имаме направено околу 250.000 метри квадратни нови зелени површини. Исто така, садевеме и цвеќиња и рози покрај булеварите на Скопје каде има најмногу загадување“, вели тој.
Министерството за животна средина, освен мониторинг, не спроведува мерки за спречување на загадувањето ако тоа не трае повеќе од пет дена. Министерот за животна средина, Абдулаќим Адеми, им предложи на граѓаните да возат велосипед.
„Граѓаните да успеат да ги заменат автомобилите со велосипеди. Градската власт да ги зајакне контролите на градилиштата од каде што се емитува многу прашина“, побара Адеми.
Се јавија и од ДОМ, загрижени од алармантно високиот степен на загадување на воздухот во Скопје, особено поради високата концентрација на суспендираните ПМ 10 честички. ДОМ предлага повеќе интервентни мерки како рестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат минималните Еуро стандарди за квалитет на дизел или бензин горивата низ централното градско подрачје и воведување на т.н. пар/непар режим на сообраќај. Сметаат дека треба да се формираат дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво кои континуирано ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот, а апелираат до граѓаните, секој да помогне за намалување на загадувањето на воздухот.