Добивај вести на Viber
Со два проекти чија имплементација почна годинава се работи на намалување на стакленичките гасови во земјава. Нив ги претстави американската агенција за меѓународен развој УСАИД, при што едниот проект се однесува на инвестиции во чиста енергија, а другиот за индустриски менаџмент. Проектите ќе траат три години.
Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија е насочен е кон поддршка на Владата во процесот на деловното опкружување во областа на обновливите извори на енергија (ОИЕ) и имплементирање на релевантни стратегии со цел да се зголемат инвестициите во производството на електрична енергија од ОИЕ, како и да се намали вкупната потрошувачка на енергија и емисијата на стакленички гасови.
Проектот за индустриски менаџмент, пак треба да ја зголеми конкурентноста на индустријата преку намалување на трошоците за енергија.
„Со инсталирање на модерни системи за управување со енергија, компаниите ќе можат подобро да ја регулираат потрошувачката на енергија и да донесат стратешки одлуки за надградба на нивната енергетска ефикасност“, рече американскиот амбасадор Пол Волерс во обраќањето на презентацијата на проектите.
Заштедата на енергија, додаде тој, значи заштеда на трошоците и посочи дека добрите владини политики можат да поттикнат и да стимулираат зелени инвестиции и да создадат нови индустрии.
„Се надевам дека овие два проекта пред се ќе значат отворање на нови работни места и голем економски развој. Ќе се поттикне користење на ветерот, сонцето и био масата и ќе значат почиста животна средина“, смета Волерс.
За вицепремерот за економски прашања, Владимир Пешевски , проектите се комплементарни на активностите што ги има Владата во делот на енергетиката. Рече дека се надева оти овие проекти ќе дадат придонес во зголемувањето на енергетската независност на земјава.
„Република Македонија е исправена пред предизвиците за ефикасно справување на сериозни реформи во енергетскиот сектор. Со стратегиите за искористување на обновливите извори на енергија и за унапредување на енергетската ефикасност, се очекува до 2020 година 20 отсто од енергијата да биде од обновливите извори“, рече Пешевски.
Свое обраќање имаше и министерот за економија Ваљон Сарачини . Помеѓу останатото, тој укажа дека индустрискиот сектор има најголем удел во потрошувачката на финална енергија, па оттука како мошне корисен го посочи проектот на УСАИД кој воведува иновативен пристап за македонската индустрија.