Сопственичката на МИТ: Ова е политички монтиран случај
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Сопственичката на МИТ, Биљана Апостолова, денеска во изјава за медиумите сподели дека денешниот упад на Универзитетот е политички организирана хајка, бидејќи јавно го посочила поранешниот премиер, Никола Груевски за сите неправилности за акредитациите кои универзитетот не ги добил. Апостолова за НОВА тврди дека ова се прави преку Оливер Андонов, поранешен вработен кој беше избркан од МИТ, а сега е заменик министер во МВР.
Инспектори од МВР, од Управата за јавни приходи и од Министерството за образование, во придружба на вооружени полицајци од утрово до 20 часот ја проверуваа целокупната документација на универзитетот. Акцијата била по наредба на Основното јавно обвинителство, од каде соопштија дека Јавен обвинител дал наредба полиција да изврши претрес на повеќе објекти кои им припаѓаат на „МИТ“ универзитетот. Нема уапсени, но инспекторите и полицијата се уште се наоѓаат во објектот во центарот на Скопје каде ја проверуваат целокупната документација.
Апостолова вели дека МИТ ќе продлжи од утре со работа бидејќи таму нема ништо незаконско.