Добивај вести на Viber
Со 100.000 евра во центарот на Белград можете да купите стан од 55 квадратни метри, покажа истражувањетто на српски „Блиц“, според кое главниот град на Србија е меѓу најскапите во регионот кога станува збор за цената на квадрат станбен простор (1.800 евра/м2).
Сепак на самиот врв на листата е Љубљана во која квадрат станбен простор чини 2.600 евра, односно со 100.000 евра можат да се купат едвај 38,4 метри квадратни.
Веднаш зад Љубљана на листата е Загреб, каде со 100.000 евра ќе купите стан 43 метри квадратни, бидејќи цените се движат околу 2.300 евра за м2.
Скопје е кон крајот на листата - со цена од 1.250 евра за м2 во центарот на градот, за 100.000 евра можете да купите стан од 80 м2. Единствено поевтина е Бања Лука, каде за истата сума ќе добиете пет квадрати повеќе.
Но, сосема поинаква слика се добива ако се видат податоците за годините потребни за исплата на станот. Така, на Словенците, за да го исплатат станот од 38,4 м2 им се потребни само 8 години и 3 месеци, затоа што просечната плата им е 1.000 евра. Тоа е под услов целата плата да ја троши за исплата на станот. Хрватите истата сума ќе ја покријат за 11 години и 5 месеци (со плата од 720 евра).
Македонците од целиот регион убедливо најдолго ќе го отплаќаат станот од 100.000 евра - мора да работат цели 25 години и 2 месеци, повеќе дури и од жителите на Република Српска, на кои за отплата на поголем стан им се потребни 19 години и 3 месеци.
Тоа е затоа што платата на Македонците е најниска - само 330 евра.