Стартува целосно обесштетување на поплавените домаќинства
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Ќе започне исплатата на обесштетувањето за граѓаните зафатени од поплавите од 6 август.
Ваква одлука денеска на седница донесе Владата. Владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев денеска информираше дека на граѓаните ќе им биде исплатена сума од 100% од проценетата штета. Исплатата ќе се реализира во неколку транши, а во првата се опфатени 947 предмети за кои се одвоени 118 милиони денари. Траншите почнуваат овој месец и наредниот.
„Според апроксимативната вкупна бројка на предмети ова значи дека со првата исплата ќе бидат опфатени околу 25% од предметите. Граѓаните да бидат сигурни дека Владата ќе го реализира ветувањето дадено во август и ќе ги обесштети сите што беа зафатени од поплавите“ - вели портпаролот.
Со целосната исплата на 100% обесштетување се опфатени и 3.074 предмети кои добија авансно обесштетување од 30.000 денари.
Ѓорѓиев вели дека оние граѓани на кои им бил исплатен аванс истиот во износ од 30.000 денари ќе биде минусиран од 100% обесштетување, а оние кои не добиле аванс ќе бидат одеднаш 100% обесштетени според проценката.
Во првата транша има околу 100 предмети кои немаат добиено авансно обесштетување.